Според информациите што семејството на повредената девојка ги достави до А1он, во единствената изјава што Сара ја дала пред инспекторите, таа раскажала дека слушнала како таткото на осомничениот му давал инструкции како да го сокријат нејзиното тело, бидејќи мислеле дека е мртва. Сара ги слушнала разговорите откако се освестила на задното седиште од возилото. Успеала и да му го земе телефонот на осомничениот, по што побарала помош од неговиот татко, молејќи го само да ја однесат во болница. Наместо помош, според она што го пренесува семејството, тој ѝ одговорил дека може само да ја убие.
Семејството тврди дека Сара сето ова го кажала пред инспекторите, дека нејзината изјава била внесена во записник, прочитана пред потпишувањето, но дека сега тој записник не може да се најде во документацијата.
Од семејството за А1он велат и дека вчера вечерта двајца инспектори дошле во болницата „Св. Еразмо“, каде што е хоспитализирана Сара, но не разговарале со неа, туку со докторот. Четири до пет часа подоцна, семејството добило информација дека врз лекарите во болницата бил вршен притисок за да се смени медицинскиот извештај за Сара.
Од семејството на Сара за А1он велат и дека нејзиниот татко од вчера напладне до денеска во 10 часот бил во полициска станица во Охрид, каде што бил повикан на информативен разговор по пријава од мајката на Кристијан Корубовски, која тврдела дека ѝ се заканувал.
Според семејството, таткото на Сара бил задржан во полициската станица и не му бил дозволен контакт со блиските. Тие реагираат дека додека осомничениот за нападот е на слобода, жртвата и нејзиното семејство се изложени на дополнителен притисок поради пријава за вербална закана.
