СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишниот К.К. од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“, согласно член 131 став 3 од Кривичниот законик.
Според информациите од МВР, на 15 ноември 2026 година, околу 2 часот по полноќ, по претходна расправија што започнала во неговиот дом, а продолжила во автомобилот, осомничениот физички ја нападнал својата 26-годишна девојка од охридско. Откако го запрел возилото, продолжил да ја удира, при што девојката изгубила свест и паднала.
Повредената најпрво била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“, каде што лекарите ѝ констатирале тешки телесни повреди.
Од полицијата информираат дека по преземените мерки, К.К. бил лишен од слобода во 5:05 часот и задржан во полициска станица. По барање на Основното јавно обвинителство, Основниот суд во Охрид му определил мерки на претпазливост.
МВР соопшти и дека во врска со случајот, на 15 ноември во 8:50 часот, во СВР Охрид, Љ.К. (51), мајка на осомничениот, пријавила дека Љ.Ѓ. (49), татко на повредената девојка, преку мобилен телефон му упатил закани на нејзиниот син и на целото семејство.
По пријавата, истиот ден во 13:20 часот, таткото на девојката бил лишен од слобода и задржан во полициска станица. Од МВР наведуваат дека и против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
