Левица бара одговорност од институциите за постапувањето во случајот со претепаната девојка од Охрид, Сара, и отвора прашања за можно политичко влијание врз постапката.
Од партијата посочуваат дека и покрај тоа што Основното јавно обвинителство побарало притвор за осомничениот Кристијан Корабоски, судот го одбил предлогот и му определил мерки на претпазливост.
Левица оценува дека одлуката отвора сериозни прашања за процената на ризикот за безбедноста на Сара и за постапувањето на надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека мајката на осомничениот, Љубинка Корабоска, е поранешна претседателка на Антикорупциската комисија, членка на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид и раководителка во државно претпријатие. Од партијата посочуваат и на политичките и професионалните врски на неговиот татко, за кого тврдат дека има блиски релации со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и дека е на раководна позиција во Управата за јавни приходи.
Левица го проблематизира и фактот што таткото на Сара бил задржан во полициска станица поради порака испратена до семејството на осомничениот, додека Корабоски останал надвор од притвор.
Од партијата бараат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да одговори дали полицијата ги документирала наводите за закани по живот, дали обезбедила докази, извршила процена на ризик и доставила целосни информации до Обвинителството.
Од Обвинителството, пак, бараат образложение за првичната правна квалификација на случајот, причините поради кои било побарано определување притвор и понатамошното постапување по одбивањето на предлогот. Од судот бараат јавно да ги образложи причините поради кои оценил дека мерките на претпазливост се доволни и како ја проценил опасноста за безбедноста на Сара.
Во соопштението Левица отвора и прашање за можно политичко влијание врз постапката, барајќи да се утврди дали по нападот биле воспоставени контакти со функционери на ВМРО-ДПМНЕ, дали биле активирани партиски врски и дали некој се обидел да обезбеди повластен третман за осомничениот.
Од партијата сметаат дека сите евентуални обиди за влијание врз постапката мора да бидат истражени и дека одговорност треба да има доколку се утврди злоупотреба на службена положба или политичко влијание.
„Ниту еден насилник, евентуален помагач и службеник што ја злоупотребил својата положба не смее да остане надвор од посегот на правдата“, наведуваат од Левица.
Партијата бара одговорност од сите инволвирани во институционалниот синџир и најавува дека будно ќе го следи случајот за да не биде заташкан.
Од Левица посочуваат и дека Македонија е меѓу европските земји со најголем број фемициди, оценувајќи дека институциите мора да реагираат навремено, без да се чекаат потешки последици од насилството.
