Поранешниот американски претседател Џо Бајден, во своите нови мемоари, открива какви биле приватните ставови на Ангела Меркел за Доналд Трамп – ставови што поранешната германска канцеларка му ги доверила зад затворени врати.
Во извадоци од книгата на Бајден, посветена на неговиот мандат во Белата куќа, поранешниот претседател се присетува како Меркел, на почетокот на 2021 година – кратко откако тој ја презеде функцијата – отворено зборувала за својот проблематичен однос со Трамп, пишува „Њузвик“ (Newsweek).
Според мемоарите на Бајден, поранешната германска канцеларка го опишала Трамп како „емоционален“ и изразила неразбирање за неговата фасцинираност од рускиот претседател Владимир Путин и други авторитарни лидери.
Бајден наведува дека Меркел била особено фрустрирана од однесувањето на Трамп за време на состаноците. Ѝ пречело тоа што тој одбивал да се ракува, како и фактот што неговите одлуки биле водени од лични импулси, а не од утврдени факти.
„Во нашите разговори… Ангела беше искрена во врска со своите фрустрации кон мојот претходник. Тој одбиваше да се ракува, а на состаноците делуваше ’емоционално‘, бидејќи беше воден од промени во расположението, а не од факти“, пишува Бајден.
„Таа исто така се прашуваше зошто тој е ’фасциниран‘ од Владимир Путин и други политичари со ’автократски и диктаторски карактеристики‘. Тоа беше загатка што ни јас самиот не можев да ја одгатнам“ пишува екс претседателот на САД.
Овие откритија даваат увид во приватните разговори што Бајден ги водел со еден од највлијателните европски лидери, во обид да ги обнови односите со традиционалните американски сојузници.
Бајден пишува дека обновувањето на односите било приоритет, особено поради зголемените тензии со Русија. Неговиот опис на загриженоста на Ангела Меркел во врска со Путин е особено значаен со оглед на настаните што следеа. Тоа открива дека во текот на 2021 година, американските разузнавачки служби ги следеле загрижувачките движења на руската војска околу Украина – со месеци пред Путин да ја започне инвазијата во февруари 2022 година.
Тој наведува дека, на почетокот, му било тешко да ги убеди европските сојузници и украинските претставници дека Путин се подготвува да ја нападне целата земја. На крајот, тој сподели разузнавачки информации за руските планови за државен удар во Киев, вклучително и подготовки за пропагандно видео, кое тој го опишува како сложена, речиси „холивудска продукција“.
Меркел е една од неколкуте меѓународни личности што Бајден ги спомнува во својот осврт на претседателскиот мандат. Мемоарите содржат и описи на односот со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Бајден пишува дека, на почетокот, се прашувал дали Зеленски има доволно искуство и издржливост за да се справи со воена криза од такви размери.
Иако на крајот го пофали Зеленски како воен лидер, тој вели дека во одредени моменти имале затегнати односи. Тој истакна дека украинскиот лидер може да биде „каприциозен и тврдоглав“ и дека „не бил толку благодарен колку што очекувал“ кога побарал дополнително оружје и помош од Вашингтон.
Во книгата, Бајден се осврнува и на повлекувањето од Авганистан во август 2021 година.
Тој пишува дека добил уверувања од воените и разузнавачките лидери оти авганистанската влада ќе опстане најмалку шест месеци по заминувањето на американските трупи.
Наместо тоа, тие проценки се покажаа како целосно погрешни за само неколку дена.
