Ден Дончев, поранешен Генерален секретар на ДПМНЕ, кој во 2017 година беше именуван за директор на Фондот за здравствено осигурување од Владата предводена од СДСМ, ја напуштил државата и во моментов е недостапен за органите на прогонот. Дончев е опфатен со кривична пријава за сомнежи за милионски финансиски злоупотреби поврзани со приватната болница „Санте плус“. При полициската акција на 29 октомври, кога беа извршени претреси на повеќе од десет локации и беа приведени осум лица, Дончев не бил пронајден. Денес, неколку недели подоцна, тој објавува фотографии од странство, а македонските институции сè уште не побарале ниту меѓународна потерница, велат од Левица.
– Особено поразителен е одговорот на Јавното обвинителство, кое за медиумите потврди дека не побарало распишување потерница, образложувајќи дека презема дејствија во скратена постапка. Со други зборови, за лице опфатено со кривична пријава во предмет за милионски финансиски злоупотреби, кое е недостапно за органите на прогонот и се наоѓа надвор од државата, Обвинителството сè уште не сметало дека е потребно да побара меѓународна потерница.
За обичниот граѓанин, законот важи без одлагање, но кога станува збор за поранешни функционери, луѓе со политички врски и милионски финансиски интереси, правосудните институции одеднаш стануваат бавни, неодлучни и немоќни. Случајот со Дончев дополнително го разобличува партискиот кадровски систем во кој, кога е во прашање профитот, политичките функции се распределуваат без оглед на наводните разлики. Поранешен генерален секретар на ДПМНЕ станува директор на ФЗО со одлука на Владата на СДСМ, а денес, кога ДПМНЕ повторно е на власт, институциите не успеваат ниту да обезбедат присуство на поранешниот директор во постапката против него.
Оваа селективна примена на правдата, во која едни се соочуваат со полната тежина на институциите, а други ја избегнуваат одговорноста, ја продлабочува недовербата во правосудниот систем и создава чувство дека неказнивоста е привилегија резервирана за оние со вистинските врски. Најопасната последица од ваквата состојба е општествената апатија – уверувањето кај граѓаните дека правдата е недостижна, дека институциите не работат во нивен интерес и дека борбата за одговорност е однапред изгубена.
Но, одговорноста не завршува со отсуството на потерница. МВР мора да објасни како Дончев ја напуштил државата, кога го сторил тоа и дали надлежните институции располагале со информации за неговото заминување пред или за време на спроведувањето на акцијата. Ако истрагата се подготвувала подолго време, како што соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, тогаш како е можно еден од клучните пријавени во предметот да не биде достапен кога започнуваат претресите и приведувањата?!
Предметот не е безначаен ниту по обемот, ниту по последиците. Се работи за договор за очни операции склучен во 2020 година меѓу ФЗО и приватната болница „Санте плус“, преку кој наводно бил воспоставен модел на двојна наплата – еднаш од Фондот и вторпат директно од пациентите. Проценетата штета за Фондот изнесува околу 1,7 милиони евра, додека противправно стекнатата имотна корист за приватната болница се проценува на повеќе од 4 милиони евра.
Левица бара Јавното обвинителство итно да побара распишување меѓународна потерница за Ден Дончев и да ги преземе сите законски мерки за негово пронаоѓање и обезбедување на неговото присуство во кривичната постапка. Истовремено, бараме МВР јавно да одговори кога и под кои околности Дончев ја напуштил државата, дали постоеле информации за неговото заминување и зошто не биле преземени навремени мерки за да се обезбеди неговото присуство во текот на полициската акција, велат од партијата.
