СДСМ: Мицкоски панично ја брани банката на Вучиќ, сака да се заташка случајот

Од:

СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека врши притисок врз Обвинителството и се обидува да го заташка случајот со Алта банка. На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на партијата, Јон Фрчкоски, рече дека Мицкоски лично е одговорен за влезот на банката во Македонија и дека гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, треба да понесе одговорност.

Фрчкоски посочи дека Славески јавно признал оти одлуката за Алта банка ја донел во консултации со Мицкоски, поради што, како што рече, СДСМ поднел кривични пријави против гувернерот и сите инволвирани во влезот на банката во земјава.

„Славески самиот се обвини. Ставил потпис, дал дозвола за работа на банка што, според информациите во Србија, служела за перење пари стекнати со криминал и корупција. Последните информации се дека постои сомнеж и за печатење пари“, изјави Фрчкоски.

Тој побара обвинителот Савески веднаш да постапи по кривичната пријава и оцени дека Мицкоски го копира моделот на српскиот претседател Александар Вучиќ, вршејќи притисок врз Обвинителството.

Според Фрчкоски, постојат сомневања за несовесно работење и злоупотреба на службената положба и овластување при одобрувањето на преземањето на банката и спроведувањето на надзорот.

„Зошто не биле направени потребните проверки на сопственикот Давор Мацура, потеклото на капиталот за кој има информации дека е од криминал и дрога, зошто не се пресметале ризиците?“, праша Фрчкоски.

Тој побара од обвинителот Савески да преземе мерки на претпазливост, вклучително и привремена забрана за вршење на должноста на Трајко Славески, со цел, како што рече, да се спречи влијание врз сведоци и уништување документација и докази.

Фрчкоски направи споредба со случувањата во Србија, каде што, според него, обвинителството отвора истраги и постапува против лица поврзани со режимот на Вучиќ.

Тој ја обвини власта дека наместо да одговори на прашањата за Алта банка, поднесува пријави против опозицијата за ширење паника.

„Паниката ја направија Мицкоски и Славески. Тие ја донесоа криминалната банка во Македонија, тие јавните претпријатија ги внесоа во Алта банка, тие им велеа на граѓаните дека сè е во ред. И тие воведоа присилна управа и им ги блокираа парите на граѓаните. Сега граѓаните не можат да дојдат до своите пари“, рече Фрчкоски.

Тој додаде дека Мицкоски, иако нема надлежност, се вклучува и во разговори за продажба на банката, а на надзорната расправа во Собранието изнесувал невистини за случајот.

„Се плаши од тоа што ќе покажат документите, што ќе се открие за потеклото на капиталот, трансакциите, сметките и неговите врски со криминалниот картел на Вучиќ“, рече Фрчкоски.

Од СДСМ порачуваат дека случајот со Алта банка не смее да биде заташкан и бараат Обвинителството да постапува независно и во согласност со законот.

„Од Мицкоски до Славески – сите ќе одговараат“, порача Фрчкоски.

Би можело да ве интересира

Во ВМРО-ДПМНЕ на Извршен заклучле дека СДСМ сака да ја сруши Алта банка

Од понеделник ќе работи експозитурата на Алта банка во Прилеп

(ВИДЕО) Жерновски: Кривични пријави против СДСМ за ширење паника кај Мицкоски

ВЛЕН до ДУИ: Јавноста заслужува одговори за вашите финансиски врски со Србија

(ВИДЕО) Манасиевски: Филипче и СДС лажат, Алта банка немала забрана за работа во ЕУ и не можела да биде спречена да влезе во Македонија

(ВИДЕО) Димитријевиќ: Од Мицкоски до Славески – сите инволвирани во Алта банка мора да одговараат!