Владата планира со зголемување на домашното производство на електрична енергија во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, обезбедување јаглен од Косово и рестартирање на ТЕЦ „Неготино“ да обезбеди стабилно снабдување со струја во текот на зимата и да спречи поголемо зголемување на цената за домаќинствата.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека целта е воопшто да нема поскапување на електричната енергија, а доколку има, тоа да биде минимално и под пет проценти. Според него, Европа се соочува со сериозен енергетски ценовен шок, при што цените на електричната енергија и гасот се зголемуваат и до трипати.
„Ќе се потрудиме да нема воопшто зголемување или да има некоја минимална маргина која ќе биде помала од пет проценти. Тоа е рамковно на она што во моментов го работи и планира Владата“, рече Мицкоски.
Како прв чекор за зголемување на домашното производство, премиерот го посочи почетокот на транспортот на јаглен од Косово кон термоелектраните во Битола и Осломеј.
За таа цел се подготвува посебен граничен премин, покрај главниот премин Блаце, кој претходно го користел КФОР. Преминот се адаптира во соработка со Армијата и Царинската управа, а планирано е преку него дневно да поминуваат повеќе од 200 камиони.
На тој начин, покрај околу 50 до 60 камиони што би минувале преку Блаце, треба да се обезбеди транспорт на повеќе од 6.000 тони јаглен дневно за потребите на термоелектраните.
„Кога на тоа ќе се додаде локалниот ископ на јаглен и увозот на помали количини од Грција, очекуваме да имаме стабилна пропусност на трите блока, дополнета со производството од Осломеј“, рече Мицкоски.
Тендерот за транспорт и ископ на јаглен во Косово е во тек и се очекува да заврши до крајот на месецот.
Вториот чекор во планот е рестартирањето на ТЕЦ „Неготино“. Според Мицкоски, производната цена на електричната енергија од оваа централа во моментов е двапати пониска од цената на берзите.
За снабдувањето со гориво нема да се користат камиони, туку се планира транспорт од пристаништето во Солун преку железница. Во тек е итна реконструкција на железничката делница што од главната пруга на Коридорот 10 води до ТЕЦ „Неготино“.
Дрвените прагови се заменуваат со бетонски за пругата да може да издржи товар од над 10.000 тони.
„Цистерните вагони ги имаме, логистиката ја имаме, за да не се случува како порано транспорт со камиони, па да се остава простор за шпекулации. Сето ова го организираат државните компании“, истакна премиерот.
Мицкоски оцени дека енергетската криза, која трае од крајот на февруари, станува сè подлабока, особено поради ниските резерви на гас во Европа и ниските водостои на главните реки, што влијае и врз производството на хидроенергија.
Сепак, според него, концептот на Владата треба да овозможи земјава да избегне посериозно зголемување на цената на електричната енергија, за разлика од трендовите на европските пазари.
Тој нагласи дека цените на енергенсите имаат директно влијание врз инфлацијата. Според податоците што ги презентираше, просечната инфлација во земјава во октомври изнесувала 3,3 проценти, наспроти четири проценти во Европската Унија. Во третиот квартал, инфлацијата кај нас била 2,5 проценти, додека во ЕУ изнесувала 3,5 проценти.
Мицкоски додаде дека Владата досега успешно ги менаџирала состојбите со нафтата и нафтените деривати. Како пример ја посочи цената на дизелот во земјава, која е под 1,5 евро за литар, додека во соседните држави надминува две евра.
Премиерот изрази надеж дека ќе завршат проблемите со Ормускиот Теснец и војната во Украина, што, според него, би овозможило полесно справување со енергетските предизвици во наредниот период.
