Возачот на камионот што вчера учествуваше во предизвикувањето на еден од двата верижни судири на автопатот „Тракија“ во Бугарија е задржан во полиција. Станува збор за романски државјанин, кој веќе бил сослушан еднаш, а во текот на денот се очекува повторно да даде исказ во рамки на предистражната постапка.
Ова го соопшти директорот на Регионалната дирекција на бугарското МВР во Јамбол, Добрин Димитров, кој посочи дека сè уште не е утврдено што точно се случувало со камионот непосредно пред несреќата.
Според првичните информации, видливоста на автопатот нагло се намалила, а камионот можеби се движел со многу мала брзина или се вклучувал од споредна лента.
„Засега не можеме прецизно да кажеме. Националната истражна служба ќе наложи дополнителни вештачења за да се разјаснат овие детали“, изјави Димитров.
Тој рече дека полицијата добила пријава за несреќата вчера околу 7 часот наутро, по што на местото веднаш биле испратени сите достапни екипи. Тие брзо утврдиле дека станува збор за несреќа со многу сериозни последици.
Во двата верижни судири, што се случија во близина на клучката Зимница, на автопатот што ги поврзува Софија и Бургас, загинаа 11 лица, а 51 лице беа повредени. Во несреќите учествуваа вкупно 86 возила – 63 на коловозната лента во правец кон Бургас и 23 на спротивната страна, кон Софија.
Бугарската влада го прогласи 11 ноември за Ден на национална жалост.
