Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Русија нема илузии во однос на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, но се надева дека Вашингтон ќе покаже доволно одлучност за продолжување на дијалогот за безбедносните гаранции и воспоставување рамнотежа на интересите.
„Ги разбираме длабоките противречности во однос на идниот развој на меѓународната политика, но секогаш е подобро да се разговара“, рече Лавров на пленарната седница на Меѓународниот форум за обезбедување колективна безбедност, пренесува „Спутник“.
Тој потсети дека Москва и Вашингтон одржувале контакти дури и за време на Студената војна, вклучително и преку разговори меѓу претставници на вооружените сили на двете земји.
Лавров изрази надеж дека американската администрација ќе продолжи со дијалогот насочен кон постигнување правична рамнотежа на интересите, при што безбедноста на ниту една страна нема да биде загрозена.
Осврнувајќи се на трилатералните преговори меѓу Русија, САД и Украина во Абу Даби – кои се одржуваат на 10 и 11 ноември – Лавров истакна дека една од темите ќе биде колективната безбедност во регионот, како и гаранциите што ќе стапат на сила откако ќе се постигне сеопфатно решение за конфликтот. Според извор од преговарачкиот тим кој зборуваше за „РИА Новости“, разговорите ќе се фокусираат на клучните аспекти од воспоставувањето нов систем за континентална безбедност, при што решавањето на украинскиот конфликт ќе биде само една од темите во рамките на пошироката дискусија.
Говорејќи за прашањето за безбедноста во Евроазија, Лавров напомена дека заканите не исчезнале. Тој нагласи дека Русија не предлага потчинување на постојните регионални структури, туку создавање на единствен и сеопфатен систем за колективна безбедност.
Рускиот министер го повтори тврдењето дека во декември 2021 година – со поддршка од Западот – Киев подготвувал голема воена операција против Донбас. Тој изјави дека Москва не можела да дозволи такво сценарио, особено откако раководството на Доњецката и Луганската Народна Република побарало заштита од Русија.
