На автопатот „Тракија“ во Бугарија утрово, поради густата магла, се случи тешка сообраќајна несреќа во која учествуваа повеќе десетици возила. Несреќата се случи околу 7 часот кај клучката Зимница, на 290. километар од автопатот. Според последните информации, загинаа 12 лица, а 48 се повредени. Сообраќајот е целосно прекинат во двата правци.
Tragedy in Bulgaria. 10 people have died and over 50 were injured in a series of major crashes involving around 50 vehicles on the Trakia motorway near Yambol. Dense fog caused extremely poor visibility. 😭 https://t.co/AYu4pjvqaL
— една българка (@transbulgaria) November 10, 2026
Првата пријава за верижниот судир во правец кон Бургас била примена околу 7 часот, а набргу потоа била пријавена и несреќа во правец кон Софија. Во судирите учествувале патнички и товарни возила, а еден од камионите се запалил.
Поради несреќата, откажана е и денешната седница на бугарската Влада, а претседателот Румен Радев ја откажал својата агенда во Варна.
Гувернерот на областа Јамбол, Георги Чалаков, потврди дека има загинати и ја опиша ситуацијата како исклучително тешка. Во регионот е активиран и системот за рано предупредување на населението BG-ALERT.
„Ова е исклучително тешка несреќа, не паметам слична во Бугарија во последните години“, изјави Дијана Русинова, претседателка на Европскиот центар за транспортни политики.
Таа додаде дека во судирот учествувала и цистерна со пропан-бутан, што претставува дополнителен безбедносен ризик. Според нејзините информации, меѓу возилата има заглавени луѓе, меѓу кои и деца.
Еден од сведоците изјавил дека коловозот бил многу влажен, а маглата исклучително густа. Тој видел како горат камиони и како автомобили се превртуваат во полињата покрај автопатот.
На местото на несреќата се испратени екипи на Итната медицинска помош од Јамбол, Сливен и Бургас, како и 14 противпожарни екипи. Во расчистувањето на последиците од судирот помагаат и повеќе од 20 војници. Медицинските хеликоптери се во готовност, но поради густата магла извесно време не можеле да пристапат до местото на несреќата.
Во болницата во Сливен се примени осум пациенти. „Седуммина се стабилни, додека едно лице е во критична состојба“, потврди гувернерот на Сливен, Михаил Кашеров.
Во болницата во Јамбол тројца повредени се во тешка состојба, изјави заменик-директорот на болницата, д-р Валентин Валчев.
Автопатот „Тракија“ ќе остане затворен во двата правци подолг период поради големиот број возила учесници во несреќата и времетраењето на увидот. Полицијата, со придружба, ги извлекува камионите од местото на несреќата за да се расчисти коловозот.
