Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска повторно упати критики кон Европската унија, наведувајќи дека таа не е и не може да биде држава, дека нема сопствена надворешна политика, а последица на тоа е губењето на независноста на надворешната политика на Хрватска и на другите земји-членки.
Милановиќ изјави дека, по 13 години членство на Хрватска во ЕУ, неопходно е постојано да се преиспитуваат националните интереси и економските придобивки од европските интеграции, пренесува „Јутарњи лист“.
„Хрватска е членка на ЕУ веќе 13 години, па затоа е легитимно и неопходно да се запрашаме што добиваме од тоа членство од аспект на националниот интерес, кој е траен и постојан. Треба да ги поставиме овие прашања и да дадеме одговори – не затоа што би распишале референдум за излез од ЕУ, бидејќи тоа не е ниту реално, ниту паметно“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека преиспитувањето на националните интереси е неопходно за одговорно водење на државната политика.
„Во политиката, а особено во државништвото, оној што не постапува во согласност со националните интереси заслужува сожалување“, рече хрватскиот претседател.
Зборувајќи за приоритетите на Хрватска, Милановиќ наведе дека е неопходно да се утврди што претставува национален интерес, притоа издвојувајќи ги безбедноста, економскиот раст и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.
„Ова се параметрите според кои мериме – не за да се жалиме, туку за да можеме да се ориентираме и да одлучиме што понатаму. Само националниот интерес – доколку го разбереме и почнеме да живееме во согласност со него – има смисла во целата приказна за ЕУ“, рече Милановиќ.
