Бајден откри детали за борбата со ракот: „Некои денови се подобри од другите“

Од:

Поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, сподели информации за својата борба со ракот на простатата, истакнувајќи дека „некои денови се подобри од другите“. Поради здравствената состојба, тој ќе мора да ги ограничи јавните појавувања поврзани со промоцијата на неговите претстојни мемоари, пренесува „Unilad“.

Бајден, чии мемоари со наслов „Ветувај ми, Америка“ („Promise Me, America“) треба да излезат подоцна овој месец, откри дека „нема да може да учествува во толку дискусии колку што се надеваше“. Во детална изјава објавена на социјалната мрежа „X“, 83-годишниот Бајден објасни дека книгата се осврнува на годините кога ја предводел нацијата, како и на предизвиците со кои се соочил.

„Сакам да споделам кратка информација“, започна тој.

„Додека ја пишував оваа книга, ми беше дијагностициран рак – болест која им е премногу добро позната на милиони Американци и нивните семејства. Лекарите се охрабрени од тоа како мојот организам реагира на третманот. Молитвите, љубезните зборови и добрите желби од толку многумина од вас значеа повеќе за мене, за Џил и за нашето семејство, отколку што воопшто можете да замислите.“

„Некои денови се подобри од другите. Тоа не ме запрело, но понекогаш ме забавува. За жал, тоа значи дека нема да можам да учествувам во толку дискусии за мојата книга колку што се надевав.“ „Сепак, верувам дека зборовите на страниците ќе зборуваат сами за себе“, додаде тој.

Во мај 2025 година, на поранешниот претседател му беше дијагностицирана агресивна форма на рак на простатата. Лекарите открија јазол на простатата по преглед направен поради сè поизразени уринарни симптоми. И покрај дијагнозата, Бајден ѝ порача на американската јавност дека останува позитивен. „Во иднина, ќе продолжам да се држам до она што татко ми ми го кажа одамна: ’Шампионе, кога ќе те соборат, стануваш повторно‘. Тоа е добра лекција за мене, но и за Америка.“ Објавувањето на мемоарите на Бајден е закажано за 17 ноември.

Новите информации за неговата здравствена состојба доаѓаат неколку месеци откако неговиот син, Хантер, откри дека ракот на неговиот татко метастазирал. Во интервју за Би-Би-Си во август, Хантер изјави: „Ракот се прошири; метастазираше на коските. Тоа е многу болно и, во многу погледи, исцрпувачко“.

Хантер (56) додаде дека е „тажно да се гледа тоа“.

„Единственото нешто што би го рекол за татко ми и неговата моментална здравствена состојба е дека би сакал тој повеќе да се жали, бидејќи ова не е добро“, забележа тој.

Објавувањето на мемоарите на Бајден доаѓа неколку месеци откако неговата сопруга, поранешната прва дама Џил, во јуни ја издаде својата книга „Поглед од Источното крило: Мемоари“ (View from the East Wing: A Memoir). Во неа, таа отворено пишува за здравјето на својот сопруг и го опишува неговиот настап за време на дебатата против Доналд Трамп во јуни 2024 година. Таа наведува дека, во тој момент, помислила оти нејзиниот сопруг „доживува мозочен удар“.

Би можело да ве интересира

Рама: Џо Бајден го изневери Хашим Тачи

А1он

(ВИДЕО) Сопругата на Бајден: Џо има рак, ќе умре

Протече говорот на Камала Харис: Се дистанцира од Бајден

Бајден го тужи Министерството за правда на САД

Трамп: Тој е криминалец и треба да биде во затвор, грда личност, одвнатре и однадвор

Горан Наумовски

Бајден го нарече Зеленски „гњаватор“ – открива Столтенберг во мемоарите

А1он