Поранешната потпретседателка на САД, Камала Харис, сè поотворено се дистанцира од поранешниот претседател Џо Бајден, критикувајќи го неговиот пристап кон Републиканската партија.
Според Си-Ен-Ен, Харис тоа ќе го истакне во говор што ќе го одржи вечерва во Њу Орлеанс, каде ќе биде главна говорничка на годишната свеченост на Демократската партија во Луизијана и ќе добие признание за своето политичко наследство.
„Не можеме само да седиме и да се надеваме дека републиканците ќе доживеат ‘просветлување’ и ќе ја направат вистинската работа, затоа што американскиот народ не може да си дозволи да чека“, ќе порача Харис, според делови од говорот што ги објави Си-Ен-Ен.
Со оваа изјава таа директно се дистанцира од ставот на Бајден, кој во 2019 година тврдеше дека по поразот на Доналд Трамп, многу републиканци ќе го променат својот пристап.
Харис, која во 2024 година ја презеде демократската претседателска номинација од Бајден, во меѓувреме внимателно градеше политичка дистанца од поранешниот претседател. Додека размислува за можна кандидатура на претседателските избори во 2028 година, таа сега се залага за значително поагресивен пристап на Демократската партија.
Во говорот ќе предупреди дека фактот што Доналд Трамп повеќе нема да може повторно да се кандидира не значи дека ќе исчезне политичкото движење што го изгради.
„Добрата вест е што Доналд Трамп има ограничување на бројот на мандати. Но, да бидеме јасни – не постои ограничување на мандатите за новата Републиканска партија изградена според неговиот модел“, ќе истакне Харис.
Таа ќе ја обвини Републиканската партија за „длабока морална корупција“, оценувајќи дека нејзината идеологија создава хаос, концентрира богатство и ја злоупотребува моќта.
Харис ќе нагласи и дека Демократската партија мора да покаже поголема решителност во политичката борба.
„Оваа борба бара да се навикнеме на одреден вид немилосрдност“, ќе порача таа, притоа појаснувајќи дека под тоа не подразбира суровост, туку цврста и бескомпромисна борба против неправдата, корупцијата и обидите за ограничување на правата на граѓаните.
