Ива Михаилова од Кочани, обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, која ја напушти Македонија и се појави во Бугарија и покрај тоа што МВР по неа распиша меѓународна потерница, во гостување во поткаст изнесе низа контроверзни тврдења за судскиот процес против неа, македонските институции и односите меѓу Македонија и Бугарија.
Михаилова, која во поткастот гостуваше заедно со својот адвокат, го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека лично финансирал 90 отсто од македонските медиуми за, како што тврди, ширење омраза кон бугарскиот народ и Бугарија.
Во разговорот беа упатени и обвинувања за работата на македонските институции, наводни барања за поткуп и следење од македонските служби. Михаилова оцени и дека Македонија е под влијание на таканаречениот „српски свет“.
Таа зборуваше и за односот кон Бугарите во Македонија, тврдејќи дека не била прифатена шегата „кога ќе избањаш Македонец, се покажува чист Бугарин“.
Осврнувајќи се на сообраќајната несреќа во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен, Михаилова изнесе сопствена верзија за причините за несреќата. Таа тврди дека мајсторите кои ја реновирале вилата на министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски навлегле во нејзината сообраќајна лента и ја предизвикале несреќата.
Михаилова упати обвинувања и кон судството и обвинителството. Според неа, судската постапка се променила на полошо откако се декларирала како Бугарка. Обвинителот во предметот го нарече „бугарофоб“ и тврдеше дека барал пари за да добие поблага пресуда.
Таа се пожали и на условите во судницата, тврдејќи дека судењето намерно било одржувано во мала сала со многу присутни, без соодветно проветрување. Според нејзините зборови, судијата ги затворал прозорците, поради што присутните 12 часа биле без свеж воздух.
Како причина за престојот во Бугарија, Михаилова го наведе лекувањето, тврдејќи дека во Македонија немало специјализирани лекари за нејзината здравствена состојба. Таа рече дека ја очекува долг период на лекување во повеќе болници во Бугарија и во странство и порача дека повеќе нема да се врати во Македонија.
Михаилова на 12 октомври гостуваше и на бугарската телевизија БТВ, каде соопшти дека ја напуштила Македонија. Тогаш тврдеше дека уредно ја преминала македонско-бугарската граница, излегувајќи од Македонија со македонска лична карта, а влегувајќи во Бугарија со бугарски документ.
