Селекторот на Португалија за заминувањето на Роналдо: Немав поим, дознав исто како и сите други!

Од:

Жорже Жезус, селекторот на португалската фудбалска репрезентација, за првпат јавно ја коментираше одлуката на Кристијано Роналдо (41) да стави крај на својата репрезентативна кариера.

На прес-конференцијата пред натпреварите од Лигата на нации против Данска и Велс, Жезус откри дека не знаел за одлуката на Роналдо и дека планирал да го повика на претстојното репрезентативно собирање. Тој призна дека нивниот конфликт можеби го забрзал заминувањето на Роналдо, но смета дека тој лично не е одговорен за неговата одлука.

Вчера Роналдо објави дека става крај на својата репрезентативна кариера по 23 години, 234 настапи и 146 постигнати голови за Португалија.

Неговото збогување доаѓа нешто повеќе од еден месец по судирот со Жезус, поради кој Роналдо го напушти собирот на репрезентацијата, по што доби суспензија од 30 дена.

„Секако дека очекував оти ќе се врати. Планирав да му се јавам и да разговарам со него, но морам да ја почитувам неговата одлука. Тој одлучи дека е време да ја напушти репрезентацијата. Тоа, секако, ќе се случеше порано или подоцна“, изјави Жезус, пренесува португалскиот весник „А Бола“.

Селекторот потоа откри дека Роналдо не го известил однапред за својата одлука.

„Дознав кога и сите други. За одлуката дознав вчера, откако тој го објави видеото и соопштението за јавноста. Дотогаш не знаев ништо. Тој играше, постигнуваше голови и беше меѓу играчите што планирав да ги повикам“, објасни тој.

Жезус исто така призна дека по збогувањето на Роналдо, не стапил во контакт со него.

Тој појасни дека очекувал негово враќање во националниот тим и дека имал намера да разговара со него за време на собот.

Португалскиот селектор одговори и на прашањата дали неговите одлуки придонеле за крајот на репрезентативната кариера на Роналдо.

„Можеби ги забрзав работите, но тој не си замина поради мене. Тој веќе размислуваше за тоа и порано или подоцна ќе ја донесеше таа одлука. Не се чувствувам виновен за неговото заминување“, рече Жезус.

Тој нагласи дека не жали за начинот на кој постапил за време на нивниот конфликт. „Не би променил ништо. Апсолутно ништо. Сите одлуки ги донесов како селектор, размислувајќи за мојот тим и за португалската репрезентација. Спокоен сум во однос на сè што направив“, рече тој.

Жезус ги отфрли тврдењата дека останал во лоши односи со Роналдо. Тој истакна дека за време на нивната заедничка работа во саудиски Ал Наср изградиле цврст однос и дека ја почитува неговата одлука да се прости од репрезентацијата.

Конфликтот започна кон крајот на септември, кога Роналдо не доби шанса за настап на натпреварот против Норвешка. Жезус го испрати на загревање, но на крајот не го внесе во игра, што го разлути португалскиот капитен.

Потоа, Роналдо го напушти собирот на репрезентацијата, а на почетокот на октомври објави опширна изјава во која го обвини Жезус дека двапати го прекршил ветувањето дадено кон него. Тој тврдеше дека селекторот му ветил одредена минутажа на натпреварот против Норвешка, а потоа не го испочитувал договорот за јавно објаснување на ситуацијата.

Португалската фудбалска федерација го казни Роналдо со суспензија од 30 дена. Иако тогаш изјави дека не ја завршува својата репрезентативна кариера, во четвртокот сепак одлучи да стави крај на 23-годишното играње за Португалија.

Роналдо е рекордер во машкиот репрезентативен фудбал според бројот на настапи и постигнати голови.

Со Португалија, тој го освои Европското првенство во 2016 година, како и Лигата на нации во 2019 и 2025 година.

Португалија ќе продолжи да се натпреварува во Лигата на нации без него.

Во сабота, на 14 ноември, ја пречекуваат Данска, а три дена подоцна гостуваат во Велс.

Жезус повика 28 фудбалери за овие натпревари, меѓу кои има и седум нови имиња во споредба со претходниот собир.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Кристијано Роналдо ја завршува репрезентативната кариера

(ВИДЕО) Роналдо стигна до 982 гола во кариерата – блиску е до магичната граница од 1.000 погодоци

А1он

Пресврт – Кристијано Роналдо веднаш се враќа во репрезентацијата

А1он

На Роналдо му се заканува суспензија до шест месеци поради напуштање на кампот на португалската репрезентација

А1он

Анкета: Португалците не го сакаат Роналдо во националниот тим!

А1он

Португалскиот селектор за Роналдо: Нема да се извинувам на никого!

А1он