По 23 години во дресот на Португалија, 234 настапи и 146 постигнати голови, легендарниот напаѓач Кристијано Роналдо одлучи да стави крај на репрезентативниот пат.
Роналдо ѝ се обрати на јавноста со емотивна порака, во која истакна дека дошло време да го предаде бројот „7“ на идните генерации.
Portugal estará sempre em mim https://t.co/dnFj51rxmh
— Cristiano Ronaldo (@Cristiano) November 5, 2026
„Дојде денот кога ќе го вратам бројот „7“ на сите нас. Никогаш не чувствував дека тој број ми припаѓа само мене, иако ја имав привилегијата да го носам 23 години. Го бранев и го носев низ целиот свет“, започна Роналдо, па продолжи:
„Сега е време да го предадам на иднината. Не беше лесна одлука, бидејќи некои одлуки не се носат само со разумот, туку и со срцето.
Мојот пат започна во 2003 година и ми го промени животот. Кога ќе погледнам наназад, не гледам само голови, трофеи и рекорди. Го гледам португалскиот народ, милионите Португалци кои никогаш не сум ги сретнал, а сепак станаа дел од мојот живот.
Фудбалот за мене отсекогаш бил многу повеќе од игра. Во текот на целата кариера постојано ги поместував сопствените граници. Сакав да победувам, да бидам најдобар и да испишувам историја. Секогаш барав повеќе од себе и го давав максимумот за овој дрес.
Имаше прекрасни моменти и победи кои никогаш нема да ги заборавам, но и порази кои сè уште ми паѓаат тешко. Грешев, страдав, а имаше моменти кога не можев да им го подарам на Португалците она што го посакуваа.
Но, никогаш не се откажав. И што е најважно, никогаш не престанав да чувствувам гордост што ја претставувам Португалија.
Ако некогаш ве усреќив, ако успеав да натерам некого барем за момент да ги заборави своите проблеми, тогаш сè вредеше“.
На крајот, Роналдо им се заблагодари на семејството, соиграчите и на сите со кои соработувал во текот на репрезентативната кариера.
„Денес завршува мојот пат на теренот во дресот на репрезентацијата. Заминуваam со крената глава, горд на сè што поминав и свесен дека ѝ дадов на Португалија сè што имав“, порача Кристијано Роналдо во прошталната објава.
