Неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“ организира протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста во недела со почеток во 12:00 часот, во паркот „Жена Борец“ во Скопје.
Последниот случај на фемицид во Богданци каде беше убиена седумнаесетгодишната Билјана Кириќ од нејзиниот партнер повторно покажа институционално непостапување, непрофесионалност, негрижа, слаби и задоцнети реакции и никаква заштита на жените и девојките во нашата држава.
„Билјана е девојче од 17 години. Пријавила насилство и закани по живот. Биле изречени мерки за заштита. Денес е мртва. Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја, Билјана. Уште колку имиња треба да научиме за институциите да почнат да ја преземаат својата одговорност? По секој фемицид слушаме исти ветувања, исти оправдувања и исти институционални соопштенија. Жените продолжуваат да бидат убивани. Државата која не успева да ги заштити жените од насилство истовремено го брише родот, родовата еднаквост и сексуалноста од законите и политиките. Наместо заштита и одговорност, добиваме политички пресметки со родовата еднаквост и молк. Не прифаќаме институционалното непостапување да се нормализира, ниту убиствата на жени да се третираат како изолирани трагедии и љубовни драми. Не бараме сочувство. Бараме одговорност“ се вели во соопштението од „Ниту една повеќе!“.
Од иницијативата велат „политичките партии имаат свои канали и институционални механизми – нека ги искористат за да ги исполнат нашите барања. Овој протест е граѓански и не е простор за партиска промоција. Партиски претставници, обележја, знамиња и настапи не се добредојдени“.
