САД работат со Русија и Украина на изготвување сериозни предлози кои би осигуриле претстојните трилатерални разговори да бидат што е можно позначајни и попродуктивни, изјави Џаред Кушнер, специјален пратеник на САД и зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Следната недела во Абу Даби, САД ќе бидат домаќини на првите трилатерални мировни разговори со Украина и Русија – први такви дискусии од февруари наваму“, напиша тој на својот профил на платформата X (поранешен Твитер).
Тој додаде дека целта на Вашингтон е да се одговори на безбедносните грижи на сите страни преку практични, заемно договорени аранжмани што ќе го намалат ризикот од идни конфликти.
Осврнувајќи се на дискусиите во Брисел – на кои учествуваа претставници од САД, Украина, НАТО и неколку европски земји – тој ги опиша разговорите како „продуктивни и суштински“. Тој истакна дека дискусијата била фокусирана на два „клучни и меѓусебно поврзани елементи за траен мир“: безбедносни гаранции за Украина и проширување на европската безбедносна архитектура.
„Интензивно работиме со сите страни за да најдеме практични решенија што можат да стават крај на оваа војна и да постават темели за траен мир“, напиша Кушнер.
Тој повтори дека за претседателот Трамп постигнувањето мир е главен приоритет.
– Нашиот фокус е на спроведување на сложената и детална работа неопходна за таа цел да се преточи во сеопфатен и траен договор, додаде американскиот претставник.
Претходно денеска се одржа вториот подготвителен состанок пред мировните преговори меѓу Украина и Русија, кои се одвиваат со посредство на Соединетите Држави.
На состанокот – кој следеше по дискусиите за обновата на Украина, организирани од Европската комисија – присуствуваа претставници од Украина, САД, НАТО, Обединетото Кралство, Франција, Германија и Европската комисија.
Трилатералните преговори меѓу Русија, САД и Украина ќе се одржат во Абу Даби на 10 и 11 ноември.
