Израел e затекнат од одлуката на Трамп: Вашингтон најавува прекин на воената помош

Од:

Најавата на Доналд Трамп за прекин на американската воена помош за Израел го затекна израелскиот претседател Исак Херцог. Трамп ја објави одлуката во вторникот – на денот на изборите за Конгресот на САД – со план помошта да се укине уште оваа година, две години пред истекот на тековниот договор. Според тој договор, Израел добива 3,8 милијарди долари годишно за набавка на американско оружје, пренесува Си-Ен-Ен (CNN).

Херцог го покрена ова прашање за време на средбата со партијата „Јашар“, предводена од Гади Ајзенкот – клучен ривал на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

„Прашањето за американската помош длабоко ме загрижува; тоа дојде како гром од ведро небо. Имаме меморандум за разбирање со САД кој треба да остане во сила до 2028 година, а обезбедувањето на тоа е една од нашите примарни цели. Токму затоа мора да се формира влада, наместо да одиме на повторени избори“, изјави Херцог.

Трамп изнесе многу малку детали во својата најава, дадена за време на телефонско интервју за „Фокс њуз“ (Fox News). Премиерот Нетанјаху сè уште нема јавно коментирано за ова прашање.

„Тоа е деликатна тема. Кога некој ќе праша: ’Зошто едноставно не им дадеме на сите по четири милијарди долари?‘… Израел е наш главен приоритет – им даваме повеќе отколку на кој било друг – но ним тоа веќе не им е потребно“, изјави Трамп за „Фокс“.

Американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, изјави дека бара појаснување за тоа што точно ќе се случи. Во интервју за израелскиот „Канал 12“, тој ја бранеше воената помош – вид на поддршка чија популарност опаѓа и кај Демократската и кај Републиканската партија.

„Американците треба да ја разберат вредноста на тој однос. Не станува збор за тоа што вложуваат Американците, туку што добиваат за возврат. Можеби не сме му објасниле доволно добро на американскиот народ за тој да го препознае и цени партнерството со Израел, од кое имаат корист секој ден“, рече Хакаби.

Хакаби, исто така, изрази несогласување со потпретседателот Џеј Ди Венс, кој на социјалната мрежа „Икс“ (X) напиша дека односот со Израел придонел за поразот на Републиканците на изборите. Хакаби, кој е цврст поддржувач на Израел, изјави: „Не сметам дека поддршката за Израел е токсична тема во конзервативните кругови и во Републиканската партија“.

Покрај тоа што се занимава со најавата на Трамп, Херцог се соочува и со клучна поизборна задача во сопствената земја. Изборите во Израел се одржаа кон крајот на минатиот месец, а Херцог помина два дена во консултации со претставници на сите партии што влегоа во парламентот. По консултациите, мнозинството во новиот состав на Кнесетот го обезбеди Гади Ајзенкот.

Нетанјаху обезбеди поддршка од само 46 пратеници, бидејќи еден од неговите ултраортодоксни сојузници одби да го поддржи, оставајќи го далеку под потребното мнозинство од 61 пратеник. Ајзенкот има поддршка од 67 пратеници, иако 19 од нив припаѓаат на партии предводени од Арапи – факт што ги усложнува неговите планови за соборување на Нетанјаху, израелскиот лидер со најдолг стаж на власт.

Херцог сега мора да одлучи кому ќе му го довери мандатот за формирање нова влада; тој треба да ја објави својата одлука во недела. „Резултатите од консултациите можеби изгледаат јасни, но мое законско право е да утврдам кој има капацитет да формира влада, а тоа во овој момент не е сосема сигурно“, изјави тој по средбите.

Партијата на Ајзенкот, „Јашар“, во четвртокот вечерта јасно стави до знаење дека очекува да го добие мандатот. „Волјата на народот и јасното парламентарно мнозинство не оставаат простор за сомнеж. Граѓаните на Израел избраа промени и изразија целосна недоверба кон премиерот во заминување, Нетанјаху, и неговата влада“, соопштија од партијата. Тие додадоа дека Нетанјаху „нема мандат, нема мнозинство и нема доверба од јавноста“.

Лицето избрано од претседателот ќе има 28 дена за преговори со другите партии околу министерските позиции, буџетот и политиките, со можност за продолжување на рокот за дополнителни 14 дена. Доколку тој кандидат не успее, мандатот преминува на друг кандидат за дополнителни четири недели.

Ако и тој кандидат не успее да постигне договор, Кнесетот добива краток рок да предложи свој кандидат. Доколку и тоа не успее, земјата автоматски оди на нови избори. Сè додека не се формира нова влада, Нетанјаху останува технички премиер.

Нетанјаху, кој го изгуби парламентарното мнозинство, продолжува да ги оспорува изборните резултати. Тој тврди дека неговата победа била „украдена“ од арапските партии преку поткуп, странско финансирање и измами. Опозицијата, пак, тврди дека тој само се обидува да ја одложи конститутивната седница на Кнесетот, закажана за вторник, за да спречи разрешување на претседателот на парламентот и негова замена со претставник од опозицијата.

Би можело да ве интересира

Трамп ја прогласува Овалната соба во Белата куќа за национален споменик

САД, Украина и Русија подготвуваат конкретни предлози за трилатерални преговори

Трамп: Изборите во Америка се толку наместени, што не можете ни да замислите

Трамп: Иран нема да има нуклеарно оружје

Хегсет: Не напаѓаат затоа што сме ефикасни, но тоа нема да им помине

„Џерузалем пост“: Арапските партии ја поддржаа опозицијата по изборите