ВИДЕО: Објава на Џеј Ди Венс по дебаклот предизвика земјотрес во Вашингтон

Од:

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс предизвика политички потрес во Вашингтон откако директно ја обвини војната со Иран за тешкиот изборен пораз на Републиканската партија на изборите за Конгресот. Неговиот настап во политичките кругови нашироко се толкува како обид да се дистанцира од претседателот Доналд Трамп во пресрет на можна сопствена претседателска кандидатура во 2028 година, анализира Би-Би-Си.

Во внимателно формулирана објава од околу 600 зборови на социјалната мрежа Икс, Венс отворено призна дека гласачите кои во 2024 година гласале за Трамп на овие избори им ја свртеле грб на републиканците.

„Причината за нашиот пораз е војната“, напиша Венс, додавајќи: „Тоа го кажа и самиот претседател синоќа“.

Во интервјуата доцна во вторникот и во текот на средата, Трамп ја бранеше војната, но истовремено призна дека конфликтот бил клучен фактор поради кој демократите ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом и Сенатот.

Како што наведува Би-Би-Си, ставот на Венс за војната во Иран одамна бил јавна тајна во Вашингтон. Иако јавно го поддржуваше конфликтот откако САД и Израел во февруари го нападнаа Техеран, во приватните разговори со функционери од администрацијата изразувал противење. Овие несогласувања досега остануваа скриени од јавноста.

Само неколку часа по тешкиот изборен пораз на Трамп и неговата партија, Венс јасно порача дека одлуката за влегување во војната ја смета за очигледна политичка грешка.

„Ако некој сака да тврди дека вредеше, дека вредеше да се изгуби Сенатот во следните шест години, слободно нека го каже тоа. Тврдете дека тоа беше цена што вредеше да се плати. Без разлика дали се согласуваме или не, тоа барем е искрено“, порача Венс.

Би-Би-Си оценува дека станува збор за настап без преседан во поновата американска политичка историја, бидејќи ретко се памети актуелен потпретседател толку отворено и остро да се разидува со претседателот околу неговиот клучен надворешнополитички потег.

Но, потоа следуваше можеби уште поголемо изненадување. Самиот Трамп, кој од соработниците вообичаено бара безусловна лојалност, се согласи со Венс дека војната во голема мера го одредила изборниот исход. Сепак, додаде дека во иста ситуација „повторно би го направил истото“.

Според анализата на Би-Би-Си, реакцијата на Трамп е ран сигнал дека претседателот би можел да му остави значителна слобода на Венс доколку одлучи да се кандидира за негов наследник.

„Знам што мисли за тоа. Мислам дека тоа е во ред“, им рече Трамп на новинарите, одговарајќи на прашање за објавата на Венс.

„Знаев што правам кога влегов во тоа. Ги спречивме да дојдат до нуклеарно оружје и никогаш нема да го имаат“, додаде Трамп.

Даниел Бајман, експерт за надворешна политика од Центарот за стратешки и меѓународни студии, за Би-Би-Си оцени дека пораката на Венс изгледа како „начин на дистанцирање од Трамп“.

Бајман додава дека повлекувањето јасна граница во однос на Трамп ќе биде исклучително чувствителен и деликатен потфат доколку Венс навистина влезе во трката за Белата куќа.

Политичкото позиционирање на Венс се забележува и во неговата објава. Потпретседателот ниту еднаш не го спомнал Трамп по име, а голем дел од своите заклучоци им ги припишал на неименувани анкетари.

Републиканската стратег Ашли Дејвис за Би-Би-Си изјавила дека Венс „всушност само го испитал теренот за да види што понатаму треба да направи“.

Покрај критиката за војната во Иран, Венс понудил и политичка стратегија која веќе изгледа како најава за претседателска кампања. Планот за враќање на гласачите го сумирал во четири точки:

1. Прекинување на војната.
2. Фокус на трошоците за живот и инфлацијата.
3. Ставање на Америка на прво место.
4. Промена на односот кон Израел.

Би-Би-Си оценува дека овие точки го сумираат политичкиот светоглед на Венс откако влезе во високата политика и звучат како основа за неговите идни предизборни говори.

Сепак, до следните претседателски избори има уште две години. Се очекува Венс да се кандидира, но тој сè уште нема донесено официјална одлука, а неговите соработници тврдат дека сè уште ги разгледува можностите.
„Њујорк тајмс“: Венс му ја покажал пораката на Трамп пред објавувањето
Прашање е и колку Венс навистина отстапил од политичката линија на Трамп. Според пишувањето на „Њујорк тајмс“, Венс му ја покажал пораката на претседателот пред да ја објави.

Трамп во секој момент може да го промени мислењето и да покаже дека не толерира самостојни политички потези на соработниците. Досега беше многу внимателен во однос на тоа кого ќе поддржи за свој наследник во 2028 година.

Претседателот во повеќе наврати ги пофали и Венс и државниот секретар Марко Рубио, но не кажа кога, ниту дали воопшто, официјално ќе поддржи некого.

Трамп очигледно ужива во шпекулациите за тоа кој ќе го продолжи неговото политичко движење. Претходно дури ја спомнуваше и можноста за трет претседателски мандат, иако американскиот Устав изречно го забранува тоа.

Пораката на Венс по изборниот пораз можеби на крајот нема да значи ништо, заклучува Би-Би-Си, но може да биде и почетен сигнал за трката во 2028 година и битката за преземање на Републиканската партија по ерата на Трамп.

Би можело да ве интересира

Пропаѓа ли договрот на Трамп и Путин за дизелот

(ВИДЕО) „Ја сакам демократијата“: Туск го слави поразот на републиканците и испрати порака до Трамп

Белата куќа им порачува на Американците: Трамп сè уште е претседател на САД

Трамп: Војната со Иран придонесе за поразот на републиканците, но беше неопходна

(ВИДЕО) Историја на изборите во САД: прв сенатор муслиман, домородни гувернерка и сенаторка

(ВИДЕО) Иран има што да каже за изборите: Американците и рекоа НЕ на војната

Катерина Ѓуровски