Криста Пајк, затвореничка осудена на смрт која преживеа обид за погубување, поднесе нова тужба поради условите во затворот. Таа тврди дека е принудена да работи во нехигиенски услови и стравува за својата безбедност.
Пајк (50) беше вратена во затвор по неуспешното извршување на смртната казна со смртоносна инјекција на 30 септември. Овој настан привремено ги запре сите погубувања во сојузната држава Тенеси додека трае истрагата, пренесува UNILAD.
Откако беше отпуштена од болница на 9 октомври, Пајк побара да биде вратена кај другите затворенички. Во лична изјава, до која дојде списанието PEOPLE, таа изрази загриженост за своето здравје и општа благосостојба. Таа наведува дека мора да чисти туш-кабина полна со лебарки, поради што стравува од можна инфекција.
Таа исто така стравува дека нема да може да се одбрани во случај на напад, поради трајните последици што ги чувствува откако преживеала две дози пентобарбитал.
„Во ова одделение се сместени затворенички со сериозно досие на насилство и дисциплински проблеми“, напиша таа.
„За време на двете години што ги поминав во тој дел од затворот, бев сведок на бројни напади врз други затворенички и чувари. Гледав луѓе кои доживуваа тешки ментални сломови, а и самата бев во голема опасност“, изјави таа.
Пајк тврди дека, поради нејзината моментална физичка состојба, таа таму не е безбедна и не би можела да избега доколку некој ја нападне.
„Се плашам дека ќе претрпам сериозни повреди ако ме преместат во тоа одделение додека сум толку слаба“, додаде таа.
Пајк исто така изјави дека сака да учествува во заедничките оброци, предавањата, верските служби и рекреативните активности.
Во моментов, таа поголемиот дел од времето го поминува сама во болничкиот дел, а единствениот контакт што го има е со нејзиниот правен тим.
Во изјавата исто така се наведува дека, по враќањето во затворот, таа била повторно испратена во одделот за итни случаи, но не била задржана на болничко лекување. Во изјава за магазинот „People“, нејзиниот правен тим нагласува дека барањето е итно, бидејќи изолацијата ѝ штети.
„Бараме од судот да ѝ наложи на државата да ја прекине нејзината изолација и да ги врати заштитните мерки предвидени во договорот, во онаа мера во која тоа го дозволуваат нејзините здравствени потреби и безбедност“, изјавија тие.
Адвокатите имаат рок до утре да одговорат, а нејзиниот тим има рок до петок.
Криста Пајк првично беше осудена на смртна казна со електрична столица на 20-годишна возраст, откако беше прогласена за виновна за убиството на Колин Слемер во 1995 година. Бидејќи во моментот на извршување на злосторството имала 18 години, таа подлежела на смртна казна. Заедно со нејзиното тогашно момче, таа ја нападнала Слемер, по што Пајк ја претепала до смрт.
Во подоцнежните жалбени постапки, нејзините адвокати истакнаа дека Пајк, како дете, била жртва на повеќекратно сексуално злоставување.
Тие тврдат дека трауматските последици од тие настани воопшто не биле земени предвид за време на првичното судење.
