Украински беспилотни летала ноќеска, според првичните информации, погодиле нафтен капацитет во руската Самарска област. Украинските канали „Супернова+“ и „Ексиленова+“, кои ги следат воените случувања, објавија дека била погодена станица за производство и испорака на нафта во градот Просвет, на околу 835 километри североисточно од украинската граница, пишува „Киев Индепендент“.
💥The LPDS in Samara are on fire https://t.co/83sUpo6Vfz
— ꑭOstap Vyshnya 🇺🇦 (@VyshnyaOstap) November 2, 2026
Локалните жители објавија снимки на кои се гледа чад што во раните утрински часови се издигал над градот. „Киев Индепендент“ наведува дека не можел независно да потврди кои точно цели биле погодени и колкава е причинетата штета.
Капацитетот во Просвет претставува важен јазол во руската мрежа на нафтоводи, со пумпни станици, резервоари и постројки за мешање на нафта.
Според податоците на Генералштабот на украинските вооружени сили, таму се меша нафта од Западен Сибир и други региони, за производство на гориво наменето за извоз, но и за снабдување на руската армија.
Истиот капацитет веќе беше цел на украински напади во изминатите недели. По напад со беспилотни летала на 7 октомври, во објектот избиле големи пожари.
Најновиот напад е дел од континуираните украински удари врз руската енергетска инфраструктура. Следува по информациите дека Киев се согласил на енергетско примирје со Русија, кое еднострано го наметна американскиот претседател Доналд Трамп.
Сепак, високи украински функционери на 31 октомври потврдиле за „Киев Индепендент“ дека Киев никогаш не се согласил да ги запре нападите врз руските нафтени капацитети.
Само еден ден подоцна, во ноќните напади на 1 ноември, украинските сили погодиле голема руска рафинерија за нафта во Кстово, во Нижегородската област.
Украина од почетокот на 2026 година спроведува континуирани напади со беспилотни летала со долг дострел врз руски енергетски капацитети. Главни цели се рафинериите и складиштата за гориво, кои имаат клучна улога во логистиката и снабдувањето на руските воени сили.
