ВИДЕО: Зеленски е подготвен на средба со Путин

Од:

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Турција и изрази надеж дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган може да помогне во организирањето на средбата.

Во интервју за Си-Ен-Ен Турк, Зеленски оцени дека се неопходни директни преговори на претседателско ниво, бидејќи досегашните контакти меѓу двете страни не успеале да го запрат војната, објави „Киев пост“.

„Подготвени сме за средба во Турција. Знам дека претседателот Ердоган има свои врски со Путин. Затоа ја поддржуваме можноста средбата да се одржи во Турција“, рече Зеленски.

Според него, разговор лице в лице би можел да помогне во решавањето на прашањата што останале отворени по преговорите меѓу делегациите и техничките работни групи.

„Токму затоа сакам да се сретнам со него – како со човекот кој ги носи одлуките“, изјави украинскиот претседател.

Како главни теми на евентуалната средба ги посочи прекинот на огнот и механизмот за следење на почитувањето на евентуалниот договор.

Додаде дека двајцата лидери треба да разговараат и за безбедносните гаранции за Украина, обновата на земјата и статусот на окупираните територии.

Сепак, Зеленски ги отфрли барањата на Путин Украина да го предаде Донбас или да го признае Крим како руска територија. Тој нагласи дека таквите отстапки би биле спротивни на украинскиот Устав.

Зеленски очекува покана за самитот на Г20

Зеленски се осврна и на можноста Украина да учествува на самитот на лидерите на Г20, кој во декември треба да се одржи во Мајами.

Тој рече дека Киев сè уште нема добиено официјална покана од Вашингтон, но дека постојат сигнали оти американскиот претседател Доналд Трамп би можел да ја покани Украина во рамките на иницијатива за завршување на војната.

„Се разговараше за можноста претседателот Трамп да нè покани на самитот на Г20 и можеби да предложи иницијатива за завршување на војната. Се разбира, ако Трамп испрати официјална покана, ќе ја прифатиме“, изјави Зеленски.

САД во септември го поканија Путин на самитот, со што се отвори можноста за средба меѓу рускиот претседател и Трамп. Кремљ претходно го одби предлогот на Зеленски да се сретне со Путин на маргините на собирот.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави завчера дека Вашингтон би можел да го покани Зеленски доколку неговото учество би придонело за позитивни резултати. И Трамп не ја исклучи таквата можност.

Зеленски: За судбината на Украина не може да се одлучува без Украина

Украинскиот претседател нагласи дека во сите преговори за завршување на војната мора да учествува и Украина. Тој ја отфрли можноста други држави да одлучуваат за нејзината иднина без учество на Киев.

„Тоа е невозможно. Не можете да одлучувате за судбината на Украина без Украина. Тоа би било неправедно и не би водело никаде. Нелогично е да се преговара за судбината на една земја без присуство на самата таа земја“, рече Зеленски.

Тој додаде дека сличните обиди на други светски лидери во минатото не дале резултати и посочи дека Русија не успеала да ги оствари првичните воени цели.

„Русија, на пример, се сметаше за суперсила и тврдеше дека ќе ја освои Украина за три дена. Сега влегуваме во петтата година од војната. Русија веќе пет години не успева да ја покори Украина“, изјави Зеленски.

Тој заклучи дека ниту една трета земја нема право да преговара за прашања поврзани со украинскиот суверенитет без директно учество на Украина.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Нов украински удар длабоко во Русија, погоден клучен нафтен објек

Ердоган разговараше со Зеленски: Турција е подготвена да стори сè што е во нејзина моќ за мир

А1он

Зеленски: Околу 280.000 домаќинства во Украина се без електрична енергија по нападот

А1он

Лавров: Ако Зеленски сака да се сретне со Путин, ќе мора да дојде во Москва

А1он

Зеленски: Во Турција ќе се одржат важни преговори за ставање крај на војната со Русија

А1он

Таен обид за мировни преговори меѓу Русија, Украина и САД во 2023 : Путин прифатил дел од планот, Зеленски одбил територијални отстапки