Народната банка на Република Северна Македонија воведе привремена администрација во „АЛТА банка“ АД Битола исклучиво поради случувањата поврзани со нејзиниот акционер со квалификувано учество, „Алта банка“ АД Белград. Важно е да се нагласи дека воведувањето привремена администрација не значи затворање на „АЛТА банка“ АД Битола, ниту активирање на механизмот за исплата на депозитите преку Фондот за осигурување депозити. Напротив, целта на оваа привремена заштитна мерка е Банката да продолжи непречено да работи, средствата на клиентите да останат на нивните сметки, а имотот и интересите на сите штедачи и други доверители да бидат заштитени до разрешување на сопственичката состојба, односно промена на сопственоста на Банката.
Станува збор за привремена заштитна мерка, а не за постапка за затворање на Банката. „АЛТА банка“ АД Битола продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Банката е ликвидна, високо капитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува супервизорските стандарди.
Во периодот на привремената администрација, Народната банка појаснува дека:
„АЛТА банка“ АД Битола работи и продолжува да им ги обезбедува услугите на своите клиенти. Мерките преземени во однос на „Алта банка“ АД Белград не значат одземање на дозволата за работа на „АЛТА банка“ АД Битола, ниту отворање стечајна постапка.
Банката е ликвидна, високо капитализирана и има солиден квалитет на кредитното портфолио, а нејзиното работење е предмет на непосреден супервизорски надзор од страна на Народната банка.
Воведувањето администрација е времена мерка со која управувањето со имотот и работењето на Банката привремено се врши преку лица именувани од Народната банка. Целта е да се зачува стабилноста на Банката и да се заштитат средствата и интересите на нејзините клиенти до промената на сопственичката структура.
Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки. Привремено е ограничена само динамиката на одливот на средства, со цел да се спречи нагло и масовно повлекување на ликвидноста, што би можело да влијае врз интересите на сите штедачи.
За физичките лица е определен неделен лимит за одлив од сметките во износ од 10.000 денари, кој може да се користи со картичките издадени од Банката за готовински подигања и плаќања кај трговци. Внатрешните плаќања од сметките на физичките лица кон сметките на други физички и правни лица, во рамките на Банката остануваат овозможени во неограничен износ.
Правните лица ќе може да извршуваат само внатрешни плаќања од своите сметки кон сметките на други правни и физички лица, во рамките на Банката во неограничен износ. Правните лица нема да можат да изнесуваат средства надвор од Банката преку платните системи во земјата, а ниту пак преку повлекување готовина од банкомати или шалтери на Банката.
Приливните плаќања од странство преку СЕПА и коресподентно банкарство ќе се одвиваат непречено, додека одливните плаќања кон странство нема да бидат достапни привремено за физичките и правните лица.
Кредитокорисниците треба и натаму навремено да ги исполнуваат своите обврски кон Банката.
Штедните влогови на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување депозити до износ од 30.000 евра, согласно законските правила.
Народната банка континуирано ја следи состојбата во Банката и ќе ги преиспитува воведените ограничувања во согласност со развојот на состојбата. За сите промени јавноста ќе биде навремено информирана преку официјалните канали на Народната банка.
Народната банка ги повикува граѓаните и клиентите на Банката да не носат одлуки врз основа на непроверени информации, туку да се информираат исклучиво од официјалните извори. Непотребното и масовно повлекување на средства не е во интерес на штедачите, поради што е особено важно да се избегнуваат постапки предизвикани од неточни или непотврдени информации.
