Во местото Горице кај Брчко вчера се урна хеликоптер „CH-47 Chinook“ на италијанскиот контингент на ЕУФОР. Во несреќата загинаа четири лица, а 11 беа повредени. Објавена е и нова снимка од падот на военото летало.
На снимката се гледа како хеликоптерот лета ниско, неколкупати се врти во воздухот, а потоа паѓа на земјата.
#Gorice BiH EUFOR Helicopter crashed https://t.co/zt4iB5owj7
— Archangel (@MikiKey1000) October 29, 2026
Во леталото имало 15 лица. Тројца загинаа на местото на несреќата, а четвртото лице подоцна им подлегна на повредите во болница.
Загинатите се Симоне Руџа и Клаудио Маркези, припадници на италијанските вооружени сили, како и Франко Адријано Зекило и Лаура Проначи, припадници на Доброволниот воен корпус на Италијанскиот Црвен крст.
Според ЕУФОР, сите 11 повредени се во стабилна состојба. Деветмина се лекуваат во Брчко, а двајца се пренесени во болницата во Тузла.
Хеликоптерот се урна за време на редовна тренажна активност. Падна на ненаселено подрачје, во близина на куќи. Во несреќата нема повредени цивили, ниту штета на цивилната инфраструктура, имот или возила.
Пожарникарите останале на местото на падот во текот на ноќта поради истекување керозин и опасност од пожар.
ЕУФОР спроведува истрага за утврдување на околностите и причините за несреќата.
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето најави дека денеска, заедно со началникот на Генералштабот на италијанските вооружени сили и воени лекари, ќе ги посети повредените.
