Патнички воз на релација Анапа – Москва, во кој патуваа фудбалери и стручниот штаб на „Локомотив Москва“, претрпел оштетувања при напад со дронови во Воронешката област.
Екипата на „Локомотив Москва“ се враќаше во руската престолнина по гостувањето и натпреварот против „Ростов“, кога делови од дронови и проектил удрија во вагоните, предизвикувајќи прекин во железничкиот сообраќај – што претставува уште една фаза од војната во Украина.
Според официјалните информации од клубот и локалните власти, никој од фудбалерите и членовите на стручниот штаб на „Локомотив“ не е повреден во овој инцидент, бидејќи се наоѓале неколку вагони подалеку од местото на директниот удар.
Нападот се случи на железничката делница во близина на станицата Сомово, во Воронешката област. Како последица на ударот, оштетени се неколку вагони, а прекината е и електричната мрежа, поради што железничкиот сообраќај на тој дел беше привремено запрен.
Иако фудбалерите поминаа без повреди, меѓу останатите патници во возот има петмина повредени, од кои еден е во критична состојба.
Веднаш по нападот, медицинскиот тим на „Локомотив Москва“ излезе од својот вагон и прв им пружи неопходна прва помош на повредените цивили на самото место, уште пред пристигнувањето на итните служби.
Од службата за односи со јавноста на московскиот клуб потврдија дека сите фудбалери и членови на стручниот штаб се безбедни и дека е организирана итна евакуација од железничката станица.
„Ниту еден фудбалер или член на стручниот штаб не е повреден. Тимот е безбедно згрижен, а експедицијата го продолжи патувањето кон Москва со клупскиот автобус, каде што продолжуваат подготовките за следните натпревари во првенството и Купот“, соопштија од клубот.
