Голем број украински дронови во текот на ноќта ја нападнаа руската погранична Белгородска област, при што загинаа три лица, а 13 беа повредени, соопштија локалните власти.
Според извештаите на локалното население и снимките објавени на социјалните мрежи, најголем дел од дроновите биле насочени кон подрачје во центарот на Белгород. Каналот за следење на настани „Ексиленова-плус“ објави дека цел на нападот бил трговско-забавниот комплекс „МегаГРИНН“, најголемиот од ваков вид во градот.
👀 Belgorod. Consequences of the work of the air defense.
💥 AFU also hit MegaGRINN shopping mall https://t.co/8vuv7iTSze
— MAKS 26 🇺🇦👀 (@Maks_NAFO_FELLA) October 24, 2026
Комплексот се простира на повеќе од 163.000 квадратни метри и има над 200 продавници, супермаркет, кино и ресторани. Во текот на ноќниот напад бил затворен и во него немало посетители. Локалните жители пријавиле и пожар во дворот на станбен комплекс во истото подрачје.
Оперативниот штаб на Белгородската област потврди „масовен напад со беспилотни летала“ врз градот и соопшти дека итните служби биле испратени на погодените локации. Засега не беа наведени сите места што биле цел на нападот.
Гувернерот на Белгородската област, Александар Шуваев, изјави дека во нападот врз Белгород загинале две лица, а 13 биле повредени. Тој додаде дека е оштетена инфраструктурата и дека штетите опфаќаат 30 станбени згради, 35 автомобили, четири куќи, три административни згради, осум деловни простории и три објекти од општествено значење.
Уште едно лице загинало во село во близина на градот Шебекино.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат експлозии, пожари и дејствување на руската противвоздушна одбрана над Белгород. Оперативниот штаб ги предупреди жителите да останат во затворени простории бидејќи нападите во областа продолжиле.
Белгород се наоѓа на околу 34 километри од украинската граница и на околу 70 километри од Харков. Поради близината до фронтот, градот често е цел на украински напади, а зголемените можности за изведување напади со голем дострел ѝ овозможуваат на Украина да погодува цели и подлабоко на руска територија.
Во претходните украински напади врз Белгород биле цел на удар енергетската инфраструктура и логистичките складишта, вклучително и објекти на рускиот малопродажен гигант „Озон“.
Нападот со дронови се случи кратко откако Украина вчера соопшти дека нејзиниот систем „Старшилд“ повторно работи со полна брзина. Според објавените информации, тоа им овозможило на украинските војници поефикасно да ги координираат нападите со дронови врз руски цели.
„Старшилд“, воената верзија на сателитскиот интернет-систем „Старлинк“, од 14 октомври во Украина работел со значително намалена брзина. Ограничувањето, чија причина не беше објаснета, ги нарушило важните воени операции и ја ослабнало способноста на украинските сили да соборуваат руски дронови со млазен погон.
