Американски генерал: Путин игра опасна игра, но НАТО е многу помоќен од Русија

Од:

Воените капацитети на НАТО јасно ги надминуваат оние на Русија, изјави американскиот генерал Алексус Гринкевич, врховен командант во одбранбената алијанса, за германскиот неделник „Дер Шпигел“.

Во интервјуто објавено денеска во весникот, Гринкевич рече дека воените капацитети што алијансата би ги употребила во случај на голем конфликт „далеку ги надминуваат оние на Москва“. Тој посочи дека Русија не поседува модерни борбени авиони Ф-35, ниту пак голем број модерни разурнувачи или подморници, какви што има НАТО.

Генералот изрази уверување дека Русија нема да започне конвенционален напад од големи размери врз Европа. Рускиот претседател Владимир Путин прибегнува кон други методи, како што се саботажи, бидејќи нема други опции, тврди тој, додавајќи дека Путин не сака директен конфликт.

Ова е резултат на конвенционалното одвраќање, рече Гринкевич, нагласувајќи дека овој механизам мора да се одржува, додека истовремено се модернизираат вооружените сили во рамките на НАТО, се спроведуваат опсежни обуки и се демонстрираат капацитетите.

На прашањето дали е соодветно руските дејствија да се наречат „војување од сенка“, генералот за весникот изјави дека терминот „хибридни напади“ е премногу нејасен.

„Работите мораме да ги нарекуваме со нивното вистинско име: саботажа, подметнување пожари или терористички напади се прецизни термини кои бараат јасни одговори“, рече тој.

На прашањето дали Европа е веќе во војна со Русија, Гринкевич одговори дека Путин игра „опасна игра“. „Тој сака да ги убеди нашите граѓани дека давањето поддршка за Украина е опасно и дека тоа би можело да доведе до војна со Русија“. За среќа, таа стратегија засега не дава резултати, изјави американскиот генерал.

Осврнувајќи се на неодамнешните закани од Москва, според кои изолацијата или нападот врз руската екс клава Калининград би довеле до војна, Гринкевич нагласи дека НАТО е одбранбен сојуз и ќе дејствува само во случај на напад.

„Затоа, Русија не треба да се грижи за Калининград“, додаде тој.

Би можело да ве интересира

Русија се закани: Ќе го поделиме Киев

(ВИДЕО) Нов бран разорни напади врз Украина: Најмалку осум загинати, погодени се и трговски центри

ЕУ: За жалење е одлуката на САД за укинување на санкциите за рускиот дизел

(ВИДЕО) Има мртви и ранети во најновиот руски напад во југоисточна Украина

Москва: НАТО забрзано и стихијски се вооружува

Горан Наумовски

Медведев: Киев е слеп и e во паника без американските разузнавачки информации

Горан Наумовски