Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата има свои алатки и механизми за дејствување на меѓународната сцена во врска со случајот со Ива Михаилова, која замина во Бугарија, и најави дека дел од доказите од истрагата ќе бидат презентирани пред партнерите во НАТО.
Мицкоски рече дека се очекува родителот на Ива, кој е правосилно осуден, да биде вратен во земјава, а Ива да се врати и да ја докажува својата невиност пред македонските судови.
„Ние имаме потерница и очекуваме родителот на Ива, кој е правосилно осуден, да биде вратен во земјава, а Ива да дојде и да ја докажува својата невиност пред судовите во Македонија.
Ние имаме свои алатки и свои механизми како да се бориме на меѓународната сцена. Но, повторно ќе го кажам она што го кажав и вчера – овој неуспешен обид нанесе голема дипломатска штета на Владата во Софија, но тоа е нивен проблем. Наш проблем е бегалецот и бегалката да ги изведеме пред лицето на правдата и ќе повторам дека, кога-тогаш, тоа ќе се случи.
Ние имаме истрага и дозволете да ја завршиме истрагата. Потоа дел од доказите ќе ги презентираме пред нашите партнери во НАТО за да покажеме како се однесуваат партнерски земји во НАТО. Овој упад што беше направен, при кој буквално е киднапирано лице кое сега е бегалец од правдата, нема вака да заврши“, изјави Мицкоски.
Потенцира дека овој случај нема да влијае на обидите на владата за дијалог и откочување на процесот за отворање на преговите со ЕУ.
„Но, ние нема да дозволиме да бидеме жртви на емотивни реакции, нема да се откажеме од нашите цели, а тоа е процесот на евроинтеграции. Нема да ги напуштиме преговорите, напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и барање решение“, изјави Мицкоски.
