Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, најави дека градските власти ќе спроведат истрага за пукањето во кое припадник на американската Служба за имиграција и царина (ICE) во четвртокот ранил 28-годишен маж во њујоршкиот кварт Бронкс.
Мамдани изјави дека тој и претставници на њујоршката полиција ќе ги разгледаат сите настани, вклучително и самото пукање, реакцијата на полицијата, протестите што следеле, како и користењето приватен паркинг како база за операциите на агентите на ICE, пренесува „Блумберг“.
Тој наведе дека истрагата ќе ги опфати и мерките што градот може да ги преземе за да ја обезбеди безбедноста на жителите.
Мамдани во четвртокот телефонски разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп и со секретарот за внатрешна безбедност Марквејн Малин, барајќи прекин на операциите на ICE во градот и ослободување на ранетиот маж, но без успех.
Гувернерката на сојузната држава Њујорк, Кети Хочул, исто така разговарала со Трамп и Малин, барајќи да ги прекинат операциите и да ги објават снимките од камерите што агентите ги носат на униформите.
Малин денеска изјави дека снимките ќе бидат објавени откако Федералното истражно биро (ФБИ) и истражната служба на Министерството за внатрешна безбедност ќе ги завршат своите проверки.
Ранетиот Оскар Белгал бил погоден за време на операција што американските власти ја опишаа како целна акција во њујоршката населба Марбл Хил. Според полициската комесарка Џесика Тиш, биле испукани најмалку седум куршуми, од кои еден го погодил во вратот. Петгодишното дете кое се наоѓало во неговото возило не било физички повредено.
Американските власти наведоа дека агентите со своите возила го блокирале Белгал и му наредиле да излезе од автомобилот, што тој, според нивните тврдења, го одбил.
Министерството за внатрешна безбедност соопшти дека Белгал престојувал во САД илегално и дека бил поврзан со бандата „Триниатариос“, но не изнесе дополнителни детали за овие наводи.
Сојузен судија во петокот забрани негова депортација, а Белгал истиот ден бил префрлен во федерален притворен центар во Бруклин.
