Претседателот на Барселона – Жоан Лапорта, остро го критикуваше Реал Мадрид, обвинувајќи го својот најголем ривал дека се обидува да ѝ наштети на репутацијата на каталонскиот клуб преку повторно актуелизирање на аферата „Негреира“.
Односите меѓу двата шпански гиганти стануваат сè позатегнати, а Лапорта смета дека приказната за спорните исплати кон поранешниот потпретседател на Шпанската судиска комисија се користи за да се одвлече вниманието од случувањата во мадридскиот клуб.
„Во Мадрид зборуваат за други теми за да го одвлечат вниманието. Барселона минува низ одличен период, уживаме во фудбалот и доживуваме прекрасни моменти во нашата историја. Уживаме меѓународен углед и имаме тим што ги освојува срцата на навивачите. Во Реал се обидуваат сето тоа да го минимизираат“ – изјави Лапорта.
Зборувајќи за аферата „Негреира“, првиот човек на Барселона повтори дека верува оти неговиот клуб ќе биде ослободен од обвиненијата.
„Се обидоа да нè осудат уште пред да ни се суди, иако на крајот излегува дека работите не стојат онака како што нè обвинуваат. Целосно верувам дека Барселона ќе биде ослободена од вина“, рече Лапорта.
Тој додаде дека, според него, постојаното враќање на оваа тема во јавноста служи само за да се наруши угледот на каталонскиот клуб.
