ФФМ под окупација, претворена во партиски штаб на ВМРО – ДПМНЕ, обвинува СДСМ

Од:

СДСМ обвини дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е под политичко влијание и дека наместо да работи во интерес на спортот, се користи за партиски и лични интереси. На прес-конференција, Герасим Лазов, претседавач со Централниот одбор на СДСМ, изнесе низа обвинувања за кадровските решенија во федерацијата, делегирањето судии и изборот на фудбалери во репрезентативните селекции.

„Наместо ветениот напредок, ФФМ денеска е претворена во приватна фирма, партиски штаб на ВМРО и полигон за остварување лични интереси“, изјави Лазов.

Тој рече дека информациите што СДСМ почнува да ги објавува ги добиле од граѓани и свиркачи, кои, според него, одлучиле да проговорат за состојбите во македонскиот фудбал.

Лазов обвини дека во федерацијата има политички влијанија врз кадровските одлуки, дека правни советници и претседатели на комисии се назначуваат според партиски и адвокатски врски, како и дека селектори се менуваат поради недостиг на политичка поддршка. Тој тврдеше и дека се отвораат нови репрезентативни категории за вработување партиски кадри.

„Фудбалот стана семеен бизнис“, рече Лазов, обвинувајќи дека тренерските позиции во репрезентациите се доделуваат на кумови и блиски роднини, а одредени тренери од приватни школи и клубови истовремено добиваат плати и хонорари од ФФМ.

Тој изнесе сомнежи и за ангажирањето советници, како и за дебито на одредени играчи во А-репрезентацијата, тврдејќи дека тоа може да им помогне на нивните менаџери полесно да ги пласираат фудбалерите во странство.

На прес-конференцијата Лазов упати седум прашања до раководството на ФФМ, меѓу кои и за начинот на делегирање судии на натпреварите на ФК Вардар.

„Зошто најдиректно од ВМРО се делегира комесар за делегирање судии, кој потоа делегира судии по нарачка за натпревари кои ги игра државниот проект ФК Вардар?“, праша Лазов.

Тој побара одговор и дали под изговорот за подмладување на репрезентацијата се отвора простор за обложувачки профити поврзани со резултатите на националниот тим.

„Дали таканареченото подмладување на репрезентацијата е искрена спортска стратегија или е бизнис-план во кој младите фудбалери се само жртви?“, праша претставникот на СДСМ.

Лазов отвори и прашања за можни нерегуларности при изборот на репрезентативци и побара одговор дали постои тарифа за настап во националните селекции.

„Има ли тарифа за играње во македонските репрезентативни селекции и колку пари чини да се облече националниот дрес?“, праша тој.

Во своето обраќање, Лазов побара одговори и за наводи за местење натпревари, посочувајќи го комесарот Јосип Бартон и судии за кои тврдеше дека се блиски до него. Тој праша и дали лица поврзани со скандали за местење натпревари редовно доаѓаат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како Белата палата.

Дополнително, Лазов ја отвори темата за случајот во Швајцарија со фудбалерот Малевски, за кого рече дека 60 минути седел на клупата без да биде впишан во записникот од натпреварот.

„Кој е одговорен во репрезентацијата за скандалот во Швајцарија со пропустот играчот со број 22 Малевски да седи на клупа 60 минути, а да не е ниту впишан во записникот на тој натпревар?“, праша Лазов, додавајќи дека бара одговор дали сличен случај се случил во натпреварувањата на УЕФА и ФИФА или во македонските прва и втора лига.

Од СДСМ најавија дека ова е прв дел од информациите и материјалите што ќе ги објавуваат во јавноста. Лазов рече дека целта е да се расветлат состојбите во федерацијата и побара одговорност за евентуалните неправилности.

„Македонскиот фудбал им припаѓа на сите нас, а не на кланови и партии“, порача Лазов, додавајќи дека, според неговите тврдења, членови на ВМРО-ДПМНЕ сочинуваат повеќе од две третини од делегатите во Собранието на ФФМ.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) СДСМ: Директорка на училиште и нејзин помошник се коцкале во казино за време на екскурзија во Монте Карло

(ВИДЕО) Цветаноска: Ребаланс затоа што нема пари за плати и пензии

А1он

Жерновски: Фон дер Лајен му ја зеде лагата на Мицкоски за идентитетот – сега намерно разгорува тензии пред средбата во Бугарија

(ВИДЕО) Филипче: Фон дер Лајен ги разобличи лагите на Мицкоски за македонскиот идентитет

А1он

Каранфилова Пановска: Оризот се откупува за понижувачки 16 денари, оризопроизводителите не ги покриваат трошоците

СДСМ: Буџетот е пократок за осум милијарди денари, дупката ќе се крпи со нов кредит