Во моментот нема во употреба вакцини бесеже од спорните серии, ниту се пријавени несакани ефекти, во тек е набавка од Јапонија

Од:

Обезбедивме информации за двете серии вакцини бесеже за кои се тврди дека имаат несакани ефекти, тоа се сериите од 2022 и 2023 година, и нивните рокови и употребата во Македонија е завршена пред повеќе месеци. Значи, во моментот нема во употреба вакцини од овие серии. Секако, побаравме од Комисијата за имунизација и од Институтот за јавно здравје, иако во моментот нема евидентирани случаи на несакани дејства од овие вакцини, да направиме длабинска анализа за да видиме дали има нешто што не е внесено во евиденцијата кај нас во „Мој термин“.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Сашо Клековски, кој рече дека дале упатство за прекинување на вакцинацијата со бесеже на новородените деца во сите болници во кои се врши вакцинација со вакцината од производителот од Бугарија, а за која во Хрватска се тврди дека предизвикала несакани ефекти. За да обезбедиме континуитет на оваа важна вакцина, денеска, посочи министерот, постигнавме согласност со УНИЦЕФ за обезбедување едногодишни количини од јапонски производител, значи во тек сме со набавка на вакцини од Јапонија.

– Ги има во депо и ќе организираме што побргу да бидат транспортирани во Македонија за да обезбедиме континуитет на вакцинацијата со оваа вакцина кај новородените деца. ​Кај нас праксата е оваа вакцинација да се прави при исписот од родилиштето, меѓутоа во основа таа може да се направи и подоцна, така што нема да има несакани ефекти од одложување на вакцинацијата со бесеже. ​Треба да ѝ се заблагодарам многу на Комисијата за имунизација оти со брза реакција и во разговор со УНИЦЕФ се обезбедува да продолжиме со вакцинацијата, а родителите да немаат сомнеж дека можеби се употребуваат вакцини што предизвикуваат несакани дејства. Оваа една година ќе биде доволно за да има евиденција и од Хрватска и од Македонија дали тие несакани дејства може да се поврзат со вакцината од Бугарија или не и да видиме како в година ќе ги поставиме работите – истакна Клековски.

Претседателот на Комисијата за имунизација, проф. Александра Грозданова, истакна дека Хрватската агенција за лекови и медицински производи (ХАЛМЕД) излезе со ново соопштение сè уште потврдувајќи дека нема директна асоцираност меѓу вакцинацијата и појавата на остеомиелитис.

Таа потенцира дека и тие истражуваат и исто како и ние, овие мерки превентивно ги применуваат.

– ​Кај нас во последните две години има 16, 17 илјади живородени деца. Во принцип оваа вакцина треба да се прими веднаш по пуштањето од родилиштето, би очекувале дека до 15.000 деца годишно ја имаат примено оваа вакцина. ​Во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства на Македонија (МАЛМЕД) се истражуваат сериите што се активни кај нас, кои сега ги користиме, односно се користеле до вчера, и немаме пријавено несакани реакции. Во однос на клиничкиот тек, остеомиелитисот може да се јави и од други состојби, далеку дека е само од вакцинацијата, и може да се јави и неколку недели по примањето на вакцината, па и до неколку години. Значи, временскиот период на асоцираност е многу долг за да може да кажеме. Будно се следи секоја од несаканите реакции што ќе биде пријавена – рече д-р Грозданова.

Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека во моментот привремено е прекината вакцинацијата со бесеже-вакцината, исто како што е во Хрватска, додека не потврдат каузалност, тоа значи причинско-последична врска дека навистина по примањето на вакцината се јавува оваа несакана состојба, во овој случај остеомиелитисот.

– Следната недела, по добивањето на информациите за сериите и во разговор со педијатрите дали некоја од овие состојби е пријавена кај децата, ќе донесеме препораки соодветно. Нема да ги оставиме децата да бидат невакцинирани и затоа овој чекор со УНИЦЕФ ни дава комоција дека и натаму ќе имаме континуирано снабдување и вакцинирање – рече д-р Грозданова.

Таа појасни дека Македонија влегува во високоризичните земји во однос на туберкулозата. ​

На прашањето што со децата кои сега треба да примаат вакцина, земајќи го предвид одложувањето од страна на некои од родителите, и каде оваа вакцина ќе треба подоцна да се прими ако не е во родилиште, Клековски одговори дека станува збор за прекин од седум до 10 дена, дека не зборува за прекин што ќе трае со месеци.

– Штом биде достапна вакцината во Македонија, ние ќе дадеме натамошни упатства за начинот на дистрибуција и за вакцинација. ​Во моментот дадовме налог да се пребараат сите случаи наназад четири години, да се побараат и нерегистрираните случаи на остеомиелитис за да се види дали го има, за кој нема сомнеж дека е поради несакано дејство. Значи, ги истражуваме и тие надвор од она што имаме пријавено во минатиот период за да видиме дали, ако има кај нас случаи, можеме да ги поврземе со употребата на оваа вакцина или не. Анализата на случаите нема да ја врши само МАЛМЕД, туку ќе ја вршиме и ние како Министерство бидејќи сакаме да се опфатат сите елементи – додаде Клековски.

Би можело да ве интересира

Вакцинацијата против сезонски грип ќе почне во втората половина од месецов

Даниловски објаснува што значи привременото одложување на БСЖ-вакцинацијата

Катерина Ѓуровски

Времено прекината вакцинацијата за БСЖ

Клековски: Ќе се преиспитува скрининг-програмата за рак на дојка

Клековски: Современа модулаторна терапија е достапна за 126 пациенти со цистична фиброза, вклучително и деца над две години

Од 12 пациенти со западнонилска треска на Инфективна, тројца се на интензивна со кислородна поддршка