На Груби куќниот притвор му завршува за една недела, приложи гаранција од 335.707 евра за укинување на дополнителните мерки

Од:

Поранешниот вицепремиер Артан Груби за една недела, на 13 октомври, ќе излезе од куќен притвор, бидејќи тогаш истекува законскиот рок за оваа мерка.

Сепак, и по истекот на куќниот притвор ќе останат во сила мерките на претпазливост, меѓу кои и привременото одземање на пасошот и забраната за преминување на државната граница.

Обвинителниот предлог по кој е заведен кривичниот предмет е поднесен на 13 август 2026 година, а согласно Законот за кривичната постапка, притворот може да трае најмногу 60 дена од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог.

Од Кривичниот суд информираат дека поради тоа мерката куќен притвор за обвинетиот истекува на 13 октомври 2026 година, што претходно било посочено и од судијата кој постапува по предметот.

Покрај куќниот притвор, на обвинетиот му е определена и дополнителна мерка на претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница. Оваа мерка ќе продолжи да важи и по истекот на 60-дневниот рок.

Одбраната до Судот доставила предлог за укинување на оваа мерка со определување гаранција. Како гаранција бил понуден недвижен имот во вредност од 335.707 евра, со цел да се обезбеди присуството на обвинетиот во текот на кривичната постапка.

По понудената гаранција е оформен предмет, кој е доставен на мислење до надлежното јавно обвинителство.

„По добивањето на мислењето, Кривичниот совет ќе постапува по предлогот, а за донесената одлука странките и јавноста ќе бидат навремено известени“, соопштија од Кривичниот суд.

Би можело да ве интересира

Првиот сведок на Обвинителството сведочеше контра обвинението во случајот „Државна лотарија“

Видеолотарија навива: РК Вардар против Охрид

Во Кривичен суд продолжува судењето за „Државна лотарија“

Миланов: „Казино Аустрија“ нема ексклузивитет за автоматите, набавката на апаратите е целосно законска

Среќни ВЛТ вести: A.K. од скопје освои Супер милионер вреден 6.942.048 денари

Продолжува судењето за „Државна лотарија“