Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска распиша предвремени парламентарни избори за 29 ноември – гласање што би можело да го означи крајот на последната голема социјалистичка влада во Европската Унија и да го отстрани еден од најгласните критичари на американскиот претседател Доналд Трамп од европската политичка сцена.
Позицијата на Санчез веќе беше ослабена од низата скандали што ја погодија неговата Социјалистичка партија, а тој се најде и под дополнителен притисок во текот на летото поради начинот на кој неговата влада одговори на мигрантската криза во шпанската енклава Сеута во Северна Африка.
Сепак, прашањето за сè поскапото домување – кое моментално е меѓу главните грижи на шпанските гласачи и предизвика протести низ целата земја – се чини дека било клучно за одлуката на Санчез да распише предвремени избори.
Одлуката уследи откако пратениците во петокот отфрлија два предлог-закона со кои владата се обиде да ја ублажи кризата со домувањето.
Иако во текот на својата политичка кариера Санчез повеќепати успевал да се опорави во моменти кога се чинело дека неговата власт е сериозно загрозена, сега го очекува тешка задача доколку сака оваа криза да ја претвори во политичка предност.
Според анкетите за јавното мислење што ги пренесе „Политико“, Народната партија од десниот центар моментално ужива поддршка од околу 34 отсто од гласачите, додека Социјалистичката партија на Санчез има поддршка од околу 26 отсто.
Крајно десничарската партија „Вокс“, која би можела да биде потенцијален партнер на Народната партија, според истите анкети, има поддршка од околу 18 отсто од гласачите.
Објавувајќи ја одлуката за изборите, Санчез предупреди на зајакнувањето на крајната десница.
„Вие, граѓаните на Шпанија, мора да одлучите каква улога сакате да играте во ова време и каква улога сакате да игра Шпанија“, рече Санчез во своето обраќање до нацијата.
„Морате да одлучите дали сакате да се приклучите на бранот на крајната десница што носи негативни последици секаде каде што ќе дојде на власт, или сакате Шпанија да остане бастион на отвореност, социјална правда и одговорност кон животната средина“, додаде тој.
Иако неговата популарност во Шпанија опадна, Санчез стана значително повидлив на меѓународната политичка сцена во текот на изминатата година.
Тој беше меѓу западните лидери кои најостро ги критикуваа американскиот претседател Доналд Трамп, како и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поради конфликтот во Газа и прашањето за Иран.
