Ресен и Преспанскиот регион повторно се соочуваат со земјоделска неизвесност. Индустриското јаболко се откупува за само 4 денари за килограм, додека производствените трошоци надминуваат 10 денари по килограм. Тоа веќе не е земјоделство, туку принудна работа со однапред пресметана загуба – вели во изјавата Илија Чилиманов, правен експерт и член на ИО на Либерално-демократската партија (ЛДП), што МИА ја пренесува интегрално.
„Апсурдот станува уште поголем кога ќе се земат предвид трошоците за бербата. За една дневница од околу 3.000 денари, овоштарот треба да продаде дури 750 килограми индустриски јаболка, без да ги пресмета горивото, ѓубривата, средствата за заштита на насадот и целогодишниот труд. Владата не може повеќе да се крие зад пазарните услови и да се однесува како да нема никаква одговорност кон производителите на јаболка. Нејзина обврска е да создава услови за одржливо производство, фер пазар и навремена поддршка на домашните земјоделци“, вели во својата изјава Илија Чилиманов, правен експерт и член на ИО на Либерално-демократската партија (ЛДП).
За подобрување на условите, Чилиманов од надлежните побара носење на итни и конкретни мерки:
– Итна финансиска поддршка за производителите на индустриско јаболко, со цел да се намали јазот меѓу производната и откупната цена.
– Навремена исплата на сите заостанати субвенции, без дополнителни административни одолговлекувања.
– Транспарентен систем на откупни цени и јавно објавување на понудите од откупувачите.
– Поддршка за преработувачките капацитети и домашната индустрија, за производството да добива дополнителна вредност во Македонија.
– Долгорочна стратегија за овоштарството, со посебен акцент на Преспанскиот регион и на заштитата на малите и средните земјоделски стопанства.
„Земјоделците не бараат милостина и сожалување. Тие бараат фер услови за сопствениот труд и можност да живеат од својата работа. Доколку Владата не може да го заштити домашното производство, тогаш во истиот момент да престане да зборува за економски развој и рекорден раст, бидејќи цели земјоделски региони се борат за гол опстанок“, посочува Чилиманов.
На земјоделците од Преспанскиот регион не им требаат празни ветувања и фотографирања со гајби јаболка. Нив им требаат конкретни реформи, инвестиции и институции кои што ќе ги заштитат.
„Крајно време е земјоделците да престанат да бидат последната алка во синџирот и конечно, да станат рамноправни економски партнери. ЛДП останува на страната на производителите на јаболко и ги поддржува сите нивни организирани активности за остварување на нивните права, вклучително и обезбедување на бесплатна правна помош“, заклучува Чилиманов во својата изјава.
