Големата акција пред два дена во Прилеп резултира со претрес на уште една, 37-ма локација и засилено присутво на полицијата во Прилеп, соопшти директорот на бирото за јавна безбедност Александар Јанев при денешната посета на прилепската полициска станица. Кривична пријава добија 21 лице, но не се опфатени четворицата осомничени полицајци за кои е надлежна внатрешната контрола на МВР. Од осомничените, 14 добија притвор до 30 дена, а четири куќен притвор. Парите, над 50 000 евра од последната претресена локација се најдени во банкарски сеф.
На 30 септември МВР спроведе координирана полициска акција во која, по повеќемесечна истрага, била сузбиена 21-члена организирана криминална група. Според МВР, групата била составена од 20 лица од Прилеп и едно од Скопје, а била инволвирана во недозволена трговија со дрога и економски криминал.
-Уште една локација беше вчера, исто, во Прилеп, во банка, во сеф, каде пронајдовме дополнителни парични средства, над 50 000 евра, а пронајдовме и одзедовме моторни возила. Во тие 37 локации, четири беа извршени кај полициски службеници, вработени во рамките на Одделението за внатрешни работи во Прилеп. Во текот на вчерашниот ден поднесовме кривична пријава до надлежното јавно обвинителство во која се опфатени 21 лице. По пријавата, во текот на вчерашниот ден и судот во Скопје издаде мерки за обезбедување на сите лица што за нас претставува голема сатисфакција дека сето што сме го работеле не било ад-хок работа. Тоа што се случи пред два дена овде и во Скопје и во Струга не е случајна акција, туку операција која, се надевам, вроди резултати и се надевам дека граѓаните на Прилеп полека ќе го почувствуваат сето ова. Тоа штое најважно за мене и за колегите е дека митот за недопирливите во Прилеп конечно падна. Никој не може да се крие зад одредени врски, познанства и да се шетаат по прилепските улици и да се прават недопирливи. Како полиција тоа нема да го дозволиме – изјави Јанев.
Истрагата продолжува и не е исклучено да бидат осомничени нови лица. Засиленото полициско присуство во Прилеп Јанев го објаснува со воспоставувањето конекција со граѓаните. Ќе бараат соработка и од сопственици на угостителски објекти кои можеби имале искуство со осомничените кои над 15 години ја воспоставувале мрежата на продажба и дистрибуција на дрога.
-Секојдневно ќе бидеме присутни со граѓаните, полицијата ќе биде уште повидлива, сакаме да ја зголемиме транспарентностасо граѓаните и да ги охрабриме. Упатувам апел сите ние да се охрабриме и да не молчиме. Да не бидеме само неми набљудувачи на одредени случувања. Кога има појава, да зборуваме гласно, кога има потреба – да дејствуваме и проблемите заеднички да ги решаваме. Полицијата е партнер на граѓанитеи постои за нив. Сигурно голем дел од сопствениците на угостителски објекти имале какви било искуства со осомничените. Ние сакаме со нив да воспоставиме партнерски пристап за во иднина да не се случуваат вакви појави. Тоа значи дека полицијата ќе биде поблиску до граѓаните, ќе биде видлива – рече Јанев.
По големата акција која се спроведе во Прилеп и во Скопје и Струга, Јанев вели дека моменталната безбедносна состојба во Прилеп е поволна.
-Бројките за безбедносната состојба во Прилеп, не само по случајот кој гозаврживме пред два дена, генерално,трендот бележи намалување на кривичните дела од аспект на извршување на силниоткриминал на подрачјето на ОВР Прилеп. Тоа што, евентуално, ги подигнува бројките е во делот на имплементацијата на законот поврзан со сообраќајот, но безбедносната состојба е поволна. Наша мисија и задача е да ја одржуваме и сѐ уште, ако успееме уште малку да го симнеме процентот на извршени кривични дела или нарушување на јавниот реди мир во делот на прекршоци. Тоа што мене ме радува е тоа што откривањето на делата со непознат сторител е зголемено, рече Јанев при денешната посета на полициската станица во Прилеп.
Јанев одговори на прашањето за постигнатите заклучоци по неговото учество на конференцијата на ЕУ за шефовите на полициите која се одржа во Хаг.
-Со директорот на Европол имавме отворена, пријателска средба каде македонската полиција беше вреднувана. Иако сме трета земја нечленка на ЕУ, но самиот факт што ние во 2024 и во 2025 година кумулативно имаме размена и зголемена полициска соработка за 99 проценти со сите партнерски служби, вклучително и Европол, е фактот дека македонската полиција и тоа како е вреднувана и е на едно од повисоките нивоа во рамките на оваа меѓународна организација. По тоа што разговаравме и брифирав за нашата работа и соработка на меѓународно ниво, е да ја зајакнеме размената на информации, но и нивниот квалитет, се постави и тоа како понатаму да водиме заеднички истраги со претставници на други земји, како да ги користиме алатките кои засега не се достапни до третите земји, бидејќи не сме членка на ЕУ. Отворивме нови поглавја кои најверојатно ќе следуваат во блиска иднина, но, македонската полиција е рамо до рамо со сите европски полиции, изјави Јанев.
По средбите со претставници на полициите на европските земји, Јанев оценува дека македонската полиција разговара и за евентуално дејствување по конфликтот во Украина. -Имавме средби со полициите од европскитен земји, и македонската полиција е почитувана и вреднувана. Секако, битката со организираниот криминал, со криминалните мрежи, е во врвот на нашите интереси. Разговараме и како, како полиции, да дејствуваме во евентуалното завршување на конфликтот во Украина, рече директорот на Бирото за јавна безбедност во Прилеп, Александар Јанев.
