Жозимар Хозе Евора Дијас – Возиња стана еден од хероите на Светското првенство на 40-годишна возраст, но светската слава не му донесе само добри работи.
Искусниот голман од Зеленортските Острови призна дека популарноста целосно му го промени секојдневниот живот и дека, доколку може да избира, претпочита да се врати на анонимноста што ја имаше пред Светското првенство.
„Веќе немам приватност, или барем имам многу помалку од порано. Сега, кога излегувам или одам во ресторан, некој секогаш сака да се фотографира со мене или да добие автограм. Или, уште полошо, некој ме фотографира без прашање. Го изгубив мирот и спокојот. Тоа е најголемата промена во мојот живот и не мислам дека можам нешто да направам во врска со тоа“, изјави Возиња.
Искусниот чувар на мрежата отворено призна дека популарноста не му донесе само задоволство.
„Многу луѓе сакаат да бидат славни и да бидат во јавноста, но ја гледаат само позитивната страна на таа реалност. Искрено, ако ми понудат да избирам меѓу животот што го имам денес и оној што го имав претходно, би го избрал оној од порано“, додаде тој.
Пред Светското првенство, Возиња беше познат главно меѓу љубителите на африканскиот фудбал и навивачите на клубовите за кои настапуваше (Зимбру, Жил Висенте, АЕЛ Лимасол, Тренчин, Шавеш).
Сè се промени на Светското првенство, каде што Зеленортските Острови за првпат во историјата учествуваа на најголемата фудбалска сцена.
Тие веднаш станаа една од најинтересните приказни на турнирот, а Возиња особено се истакна на натпреварот против Шпанија – тогаш европски, а подоцна и светски шампион.
Натпреварот заврши без голови, а Возиња беше еден од најзаслужните за одличниот резултат на Зеленортските Острови, благодарение на низата извонредни одбрани.
