Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска побара од САД што поскоро да го ослободат поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро.
„На почетокот на оваа година, со кршење на сите норми, вклучително и моралните, инвазијата на САД врз Венецуела заврши со заробување на претседателот Мадуро и неговата сопруга и нивно држење без судење во американски затвор. Тоа се случи и покрај фактот што меѓународното право изречно наложува почитување на имунитетот и неповредливоста на највисоките државни функционери“, рече Лавров на 81. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.
Тој побара „што е можно поскоро ослободување на венецуелскиот лидер и неговата сопруга, како и вакви инциденти никогаш повеќе да не се повторат“.
САД на 3 јануари изведоа масовен напад врз Венецуела, по што Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес беа заробени и префрлени во затвор во Бруклин, Њујорк.
Американските власти ги обвинија за поврзаност со „нарко-тероризам“.
За привремена претседателка на Венецуела беше именувана Делси Родригез, која претходно беше потпретседателка на земјата.
