Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, денеска ја информираше јавноста дека Левица ќе учествува на трибината „Разговори за иднината“, во организација на платформата 12.05, посочувајќи дека во услови на деградирање на животниот стандард, економско пропаѓање на обичниот човек, прекумерни задолжувања, криминал, корупција и хронична неказнивост меѓу раководствата на ДПМНЕ и СДСМ, како опозициска партија Левица има одговорност да разговара со различни опозициски елементи во општеството.
„Сметаме дека како опозициска партија имаме одговорност и за нас како Левица времето е созреано да разговараме со различни опозициски елементи во општеството и да видиме дали може да се изгради заеднички јазик околу прашањата што денес се суштински за државата, сметајќи дека сега е време да се направи рез“, посочи Мециновиќ.
Тој истакна дека разговорите за иднината на државата не можат да се сведат само на изминатите 35 години, туку мора да се отвори прашањето каква држава ќе имаат следните генерации.
„Фокусот на денешната трибина е што ни се случувало во изминатите 35 години. Но, како претставници на една нова политичка генерација, нас нè интересираат и наредните 35 години. Сметаме дека во оваа држава имаме за што да живееме и имаме за што да се бориме. Нашите животи треба да продолжат овде, како и животите на поколенијата што доаѓаат по нас. Во моментот кога сите ние заедно како општество ќе одлучиме дека следните 35 години мора да бидат поинакви, тогаш може да започне и нивното поинакво градење. Македонија е уништувана ден по ден и затоа ден по ден мора повторно да се гради“, порача Мециновиќ.
Како Левица веќе десет години на политичката сцена во Македонија, имаме препознатливи и предвидливи позиции во македонската јавност.
„Тоа се позиции што го застапуваат македонскиот работник, особено во услови кога десничарската влада на ДПМНЕ со сета сила се бори против работникот и обичниот човек во Македонија, незголемувајќи ја минималната плата, во борба против синдикатите, па сега и со намалувањето на боледувањата. Верувајте, тие разгледуваат и можност за зголемување на работниот век“, изјави Мециновиќ.
Тој нагласи дека во такви услови Левица има задача да го артикулира и организира опозицискиот одговор кон актуелната власт.
„Во такви услови, Левица има задача да го артикулира и организира опозицискиот одговор кон актуелната власт. Денешните разговори се дел од тој процес, а ќе видиме во која насока ќе се развиваат понатаму. Благодарни сме за поканата и во текот на трибината ќе ги изложиме и нашите позиции. Левица има задача да го мобилизира одговорот против антинародната власт“, истакна пратеникот од Левица.
На прашањето дали Левица очекува реакции од СДСМ поради присуството на трибината, Мециновиќ одговори дека СДСМ претставува колосално разочарување за македонските граѓани во изминатите три децении.
„Триесет години се претставува како антипод на ДПМНЕ, но јасно е дека неказнивоста помеѓу ДПМНЕ и СДСМ е единственото универзално правило кое го имаме во Македонија. Во Македонија не функционира ништо како што треба да функционира, единственото нешто што функционира е повторно и повторно да имаме неказнивост помеѓу раководствата на ДПМНЕ и СДСМ. Ние како Левица имаме одговорност пред граѓаните, а не пред СДСМ“, порача Мециновиќ.
Мециновиќ посочи дека Левица е парламентарна партија со јасни позиции и сопствен политички легитимитет, поради што има обврска да разговара со различни опозициски елементи за потенцијално мобилизирање на одговор против актуелната власт.
„Проблемот е што ова настанува откако е веќе јасно дека СДСМ нема намера да се бори против раководството на оваа власт“, истакна тој.
Како примери ги посочи локалните избори од минатата година во Струмица, за која истакна дека му била „подарена“ на ДПМНЕ, како и вториот круг за Град Скопје, кога постоела можност да се создаде сериозен опозициски притисок врз ДПМНЕ, но СДСМ не застанал зад таквата борба.
„Затоа повеќе не можеме да се потпираме на номинални изјави. Делата кои ги видовме од СДСМ на локалните избори ни нагласуваат дека не можеме да очекуваме содржајна опозициска борба со тоа раководство“, нагласи Мециновиќ.
Тој посочи дека разговорите со платформата 12.05 не претставуваат изолиран политички настан, туку дел од поширок процес на комуникација со различни политички и општествени чинители.
„Левица, како партија со сопствен политички гравитас, сака да разговара со различни чинители во општеството. И овие разговори нема да завршат тука. Разговараме и со други политички субјекти, со независни листи и со независни кандидати кои учествуваа на изминатите локални избори. И ова е само континуитет на она што го најавив од локалните избори затоа што Левица во еден момент кога работите ќе почнат да се менуваат, не само ние, туку сите ќе треба да се вклучиме во тоа“, кажа Мециновиќ.
Во однос на идеолошките разлики, Мециновиќ посочи дека Левица веќе една деценија е една од најјасно идеолошки профилираните партии во македонската политика.
„Ние застапуваме левичарски позиции и позиции што произлегуваат од социјалистичката идеолошка рамка. Тоа е познато и на нашето членство и на јавноста. Левица е силно консолидирана партија која расте и нема намера да ги менува позициите што ги застапува. Прашањето е дали со различни политички чинители може да се најде заеднички јазик за конкретни прашања што денес се во фокусот на македонското општество“, заклучи Мециновиќ.
Левица ќе продолжи да разговара со различни опозициски и независни општествени чинители, без отстапување од своите политички и идеолошки позиции, со цел да се отвори простор за организиран и суштински политички одговор на актуелната власт.
Attachments are
