Украинските сили во текот на ноќта извршиле напади врз цели длабоко на руска територија, меѓу кои и рафинерија за нафта на околу 1.500 километри од границата со Украина, како и фабрика за електронски компоненти.
Информациите за нападите ги објавија канали на „Телеграм“ кои ја следат ситуацијата на теренот, а руските власти засега немаат официјално потврдено детали.
A unit at Russia’s Perm oil refinery, one of the largest in the country, is heavily ablaze this morning following a major Ukrainian drone attack. https://t.co/eUe20YHFEU
— OSINTtechnical (@Osinttechnical) September 25, 2026
Според објави на каналот „Exilenova Plus“, кој се повикува на очевидци, по нападот избувнал пожар во рафинеријата за нафта во Перм. Во Уљановск, според истиот извор, мета била фабриката за електроника „Искра“, која произведува компоненти за комуникациска и радиотехничка опрема.
Експлозии биле регистрирани и во Воронеж, каде што била активирана противвоздушната одбрана. Според истите извори, при нападот била оштетена фабрика за синтетичка гума.
Во Луганск, град под руска контрола, исто така бил погоден и запален голем објект за продажба на градежен материјал. Рускиот независен медиум „Астра“ објави дека нападот се случил на локација каде што пред руската окупација се наоѓал украинскиот трговски синџир „Епицентар“.
Чести украински напади врз цели во Русија
Украина редовно извршува напади со беспилотни летала врз воена и енергетска инфраструктура во Русија и на окупираните територии, со цел да ги намали капацитетите на Москва за водење на војната.
Во текот на ноќта на 24 септември, локалните власти соопштија дека украински дронови нападнале складишта за нафта во Ростовската област и Краснодарскиот крај.
Perm another video https://t.co/Cq6yKmGG2p
— Exilenova+ (@Exilenova_plus) September 25, 2026
Ден претходно, на 23 септември, дронови погодиле подрачје во близина на нафтената рафинерија во Уфа, главниот град на руската република Башкортостан, на околу 1.200 километри од украинската граница. За нападот извести „Астра“, повикувајќи се на изјави на локални жители.
Во меѓувреме, Русија продолжува со нападите врз Киев и други украински градови. Во ноќта на 24 септември, две лица загинаа, а осум беа повредени во Киев по руски напади со балистички ракети. Оштетени биле породилиште и станбени згради.
