СДСМ денеска обвини дека приватната компанија АТС Груп ДООЕЛ од Скопје ангажирала американска лобистичка фирма за застапување на одредени интереси во САД, поврзани со теми кои ги промовира и Владата.
Портпаролката на СДСМ и членка на Извршниот одбор, Богданка Кузеска, на прес-конференција рече дека во регистарот FARA, под број 6170, е наведено дека американската компанија Mercury Public Affairs е ангажирана од АТС Груп.
Според Кузеска, договорот предвидува исплата од 130.000 долари месечно, односно 390.000 долари квартално, а договорот се однесува на периодот во 2026 и 2027 година.
Кузеска посочи дека на 2 април 2026 година Mercury Public Affairs доставила материјал со наслов „Стратешко партнерство САД–Северна Македонија“, во кој, според неа, се обработуваат теми како економските односи меѓу двете земји, нулти царини, американскиот гас, инвестиции во ИТ-секторот, одбраната и енергетиката.
Таа го поврза ангажманот на лобистичката компанија и со темата за антимон, како и со најавениот грант од пет милиони долари за развој на рудникот кај Крстов Дол, Луке и Крива Паланка.
Кузеска рече дека СДСМ побарал објавување на целокупната документација поврзана со ангажманот на Mercury Public Affairs, вклучително и изводот од FARA-регистарот, материјалот од 2 април, списокот на субјекти со кои лобистичката компанија контактирала во име на АТС Груп, како и информациите за финансирањето на делегацијата за посетата на премиерот Христијан Мицкоски во САД.
Во однос на посетата на Мицкоски во периодот од 15 до 22 септември, Кузеска тврдеше дека на официјалните веб-страници на Белата куќа, Стејт департментот, Пентагон, ДФЦ и Конгресот, како и во јавно достапните агенди, нема објава за официјална средба на Мицкоски со државниот секретар Марко Рубио или со заменик-државниот секретар Кристофер Ландау.
СДСМ побара Владата јавно да ги објави сите документи поврзани со посетата, како и да даде одговор за начинот на кој се поврзани ангажманот на приватната компанија, лобирањето во САД и темите поврзани со антимонот.
Кузеска оцени дека односите со САД треба да се градат преку институционални канали и официјална дипломатија, а не преку ангажмани на приватни компании.
