Американскиот преговарачки тим ја отфрли понудата на Иран за повторно отворање на Ормускиот теснец за време на индиректните разговори на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
На Иран му било порачано дека не го контролира тој пловен пат, а било доведено во прашање и правото на Техеран да упатува таква понуда, објави израелската телевизија Канал 12.
Според извештајот, Иран на САД им дал рок од една недела да ги исполнат јавно изнесените барања, меѓу кои се „итно укинување на американската поморска блокада, брза исплата на сите замрзнати ирански средства и завршување на војната на сите фронтови на отпорот“. Барањата биле отфрлени од американските специјални пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Кушнер и Виткоф седеле во една просторија, додека иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи бил во друга, а катарските посредници ги пренесувале пораките меѓу двете страни.
Можно е да има и дополнителни индиректни средби пред завршувањето на заседанието на Генералното собрание на ОН, но посредниците ја очекуваат одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп дали да продолжи тој процес или да се „тргне по друг пат“.
Разговорите на маргините на Генералното собрание на ОН се прва рунда преговори меѓу двете страни од средината на јуни.
Израел, кој кон крајот на февруари заедно со САД ја започна војната против Иран, немаше свој претставник на овие разговори.
Трамп вчера изјави дека американските специјални пратеници разговарале со ирански претставници на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк и оцени дека состанокот поминал „многу добро“ и траел три часа.
„Не можам да замислам зошто Иранците не би сакале да постигнат договор. Станува збор или за потенцијална големина или за уништување, тоа се нивните две опции“, рече Трамп, додавајќи дека Иран „може да биде голема земја“.
Тој додаде дека американските специјални пратеници договориле нова средба со Иран во „блиска иднина“.
Во говорот пред Генералното собрание на ОН, Трамп рече дека Иран бил најголемиот насилник на Блискиот Исток, но дека тоа повеќе не е случај, и порача дека САД никогаш нема да дозволат Иран да дојде до нуклеарно оружје.
Тој се закани дека ќе го „уништи Иран и ќе ги испрати Иранците во пеколот“ доколку режимот во Техеран не капитулира и не постигне договор со САД.
