Иако не се на власт, челниците на најпопуларната германска партија планираат средба со клучен советник на Путин и порачуваат дека евтината енергија е единствениот спас.
Германската десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) и клучниот економски пратеник на Путин започнале подготовки за средба на почетокот на 2027 година, на која би се разговарало за повторно воспоставување на испораката на руски гас за Германија, дознава Ројтерс од извори блиски до организацијата.
Иако АфД е изолирана од власта бидејќи другите партии одбиваат коалиција со неа, станува збор за моментално најпопуларната политичка опција меѓу германските гласачи. Планираната средба дополнително ги нагласува блиските врски меѓу Москва и оваа десничарска опција.
На средбата, според изворите, треба да учествуваат Кирил Дмитриев, близок советник на Владимир Путин и шеф на рускиот инвестициски фонд, како и копретседателите на АфД, Алис Вајдел и Тино Крупала. Портпаролите на АфД и Дмитриев одбиле официјално да ги коментираат овие наводи.
До средбата би дошло единствено под услов претходно да биде постигнат мировен договор меѓу Русија и Украина. Организаторите се надеваат дека средба на неутрален терен, како Израел, Обединетите Арапски Емирати или Индија, би можела да ги обедини претставниците на АфД, Русија и САД.
Лидерката на АфД, Алис Вајдел, уште во јуни повика на прекин на бојкотот на рускиот нафтен и гасен сектор со цел да се опорави германската економија, истакнувајќи дека „евтината енергија од Русија беше тајната на успехот на германската економија“.
Планираната средба, иако симболична бидејќи АфД не е на власт, доаѓа во момент кога партијата бележи големи изборни успеси. По победата на изборите во покраината Саксонија-Анхалт, АфД изминатиот викенд триумфираше и на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија, регион во кој се наоѓаат влезните точки на гасоводот Северен тек.
Претседателот на Американската стопанска комора во Москва, Роберт Ејџ, ја поздрави идејата за разговори, нарекувајќи ја „позитивен и навремен чекор“.
Иницијативата на АфД за враќање на рускиот гас наиде на жестоки осуди во Берлин.
Михаел Келнер, пратеник од Зелените кој ја водеше енергетската политика за време на кризата по руската инвазија, предупреди на опасноста од повторување на истите грешки.
„Германија не смее повторно да си дозволи зависност од Русија. Енергетската криза нè чинеше 50 милијарди евра. Враќањето на старото би било рамно на предавство – Путин едноставно ја користи АфД за остварување на сопствените цели“, изјави тој.
Остар беше и Родерик Кизеветер од редовите на ЦДУ.
„АфД е на страната на Русија и подготвена е да ги предаде и Украина и Германија. Повторното отворање на Северен тек би било катастрофа за европската безбедност и би довело до целосна изолација на Германија“, изјави тој.
И покрај критиките, во АфД се надеваат дека со овој потег пред гласачите ќе ја демонстрираат својата способност за водење надворешна политика и ќе укажат на неспособноста на актуелната власт во справувањето со високите цени на енергенсите, заклучува Ројтерс.
