Голем шумски пожар избувна вчера во близина на градот Ситија на Крит, а пожарникарите цела ноќ се бореа со огнената стихија, соочувајќи се со силен ветер и повеќе повторни разгорувања.
Според грчката Противпожарна служба, ситуацијата утринава е подобра, но пожарот сè уште не е целосно ставен под контрола. На поширокото подрачје има активни и тлеечки жаришта, поради што пожарникарите продолжуваат со интервенцијата, а во гаснењето е вклучена и воздушна поддршка.
Два авиони фрлаат вода врз пожарот, особено на тешко пристапните делови, додека на теренот интервенираат повеќе пожарникарски екипи.
Во текот на ноќта биле регистрирани неколку нови разгорувања. Силниот ветер и тешко пристапниот терен дополнително ја отежнувале интервенцијата, а огнот се приближил до неколку населени места.
Пожарот се приближил на околу 500 до 600 метри од селото Кариди, по што жителите преку системот 112 добиле предупредување да го напуштат селото и да се упатат кон градот Закрос.
Предупредувања за евакуација преку 112 добиле и жителите на Келарија, Адравасти, Клисиди, Зарко и Азокерамос.
Надлежните ги повикале жителите да бидат внимателни, да ги следат упатствата на службите и да се придржуваат до мерките за евакуација.
