Грчките власти прогласија највисоко ниво на опасност од пожари за голем дел од земјата, а Службата за цивилна заштита издаде црвено предупредување за поширокото подрачје на Атина.
Најкритична е состојбата западно од грчката престолнина, каде силните ветрови го отежнуваат гаснењето и придонесуваат пожарите повторно да се разгорат.
🇬🇷🔥Fire Greece Porto Germeno Attica – Meteology Live App pic.twitter.com/eljgilorwc
— Meteology Live (@AppMeteology) August 1, 2026
Особено тешка е ситуацијата во областа Порто Гермено, каде пожарот во текот на ноќта повторно се проширил откако ветерот го сменил правецот и пламените јазици ги оттурнал кон крајбрежјето. Главниот пат кон областа е затворен, а според првичните информации, изгореле најмалку три куќи, додека едно противпожарно возило е целосно уништено.
Поради пожарите воведени се бројни сообраќајни ограничувања, а затворени се и неколку регионални патишта што водат кон Порто Гермено и околните населени места.
Во гаснењето од утрово учествуваат девет противпожарни возила и четири хеликоптери. Пожарот се шири на два фронта, а во близина на местото Псата е издадена наредба за евакуација на жителите кон Алегорија и Мегара.
Како превентивна мерка, во текот на ноќта беа евакуирани и населбите Агиа Параскеви, Агиос Нектариос и Крио Пигади.
SCENES 🇬🇷 A #wildfire burning out of control on the #Greek mainland west of #Athens, one of several blazes burning in parts of the country#climatechange #heatwave pic.twitter.com/njRPV7wUpA
— ShanghaiEye🚀official (@ShanghaiEye) August 1, 2026
За време на спасувачката операција, припадници на крајбрежната стража и пожарникари евакуираа 12 лица кои останале заглавени на плажата во Порто Гермено. Тие со патролен, противпожарен и приватен брод биле безбедно префрлени во Алепохори.
Во меѓувреме, жителите на Довраин во областа Беотија утрово добија итно предупредување преку системот 112 со наредба веднаш да се евакуираат кон населбата Тисви.
Пожарот, кој избувна во областите Ксирономи и Каламаки, се проширил кон границата со Атика и се заканува на неколку крајбрежни населби.
На терен се ангажирани повеќе од 325 пожарникари, со поддршка од авиони и хеликоптери. Сепак, воздушните операции накратко беа прекинати поради исклучително силните ветрови.
Големи пожари и натаму беснеат и на Пелопонез, како и на Крит, каде ветерот дополнително го отежнува нивното локализирање и го зголемува ризикот од ново ширење.
