Лидерката на германската крајнодесничарска Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, најави дека евентуална влада на оваа партија би ја прекинала финансиската помош за Украина и поддршката за војната, со порака дека Берлин од Киев би барал значителен надомест за претходно издвоените средства.
„Ќе ги прекинеме плаќањата за Украина и целата поддршка за војната, а од Украина ќе бараме и значителен надомест на средствата“, изјави Вајдел.
Говорејќи за Украинците во Германија, Вајдел наведе дека повеќе од еден милион од нив добиваат социјална помош и оцени дека таквиот систем повеќе не е финансиски одржлив. Таа особено ги издвои младите Украинци во воена возраст, за кои рече дека ги има „во шестцифрен број“, и порача дека тие треба да се вратат во Украина.
Вајдел зборуваше и за резултатите од гласањето, наведувајќи дека статистички забележува разлика меѓу гласањето лично и по пошта. Истовремено, остро ги критикуваше ЦДУ/ЦСУ, тврдејќи дека партијата со години „ги мамела луѓето“ и предвиде дека Фридрих Мерц ќе биде сменет.
Според неа, проблемот на ЦДУ е структурен и длабоко вкоренет во партијата, особено кога станува збор за нејзиниот кредибилитет. Вајдел додаде дека во актуелниот состав на ЦДУ не гледа алтернатива која би можела да го запре падот на поддршката за таа партија.
Лидерката на АфД изнесе став и за сириските државјани кои дошле во Германија. Таа рече дека, штом престане да постои причината поради која ја напуштиле Сирија, треба да се вратат во својата земја.
„Азилот е привремено право и кога причината за азил ќе престане да постои, тие луѓе мора да се вратат и не смеат да добијат германско државјанство“, рече Вајдел.
Таа најави и дека влада на АфД би го преиспитала стекнувањето германско државјанство од страна на Сиријци во Германија, за да утврди дали ги исполнувале критериумите за добивање државјанство.
„Имаме значителни сомнежи“, рече Вајдел.
Говорејќи за европските институции и финансирањето, Вајдел порача дека Германија повеќе нема да „ја кофинансира целата оваа забава за нашите соседни земји“, додавајќи дека АфД сака „да си ги врати парите“ и дека би направила значителни намалувања на издвојувањата.
„Потоа само гледајте ја драмата што ќе избие во Брисел и Стразбур кога ќе престанеме да го финансираме целиот овој циркус. Со нетрпение ја очекувам реакцијата“, порача лидерката на АфД.
