Погоден ирански танкер во Ормускиот теснец, има загинати и повредени

Од:

Едно лице загина, а три лица се повредени откако во неделата рано наутро е погоден ирански трговски брод во близина на островот Хенгам и брегот на островот Кешм во Ормускиот теснец.

Според иранската државна телевизија ИРИБ, која се повикува на гувернерот на областа Кешм, Хосеин Амиртејмури, инцидентот се случил околу 5 часот наутро по локално време во стратешки важниот Ормуски теснец.

Бродот е погоден во водите меѓу островот Хенгам и брегот на Шиб Дераз на островот Кешм. Еден член на екипажот загина, додека уште три лица се повредени.

Локалните власти го опишуваат нападот како дејствување на „терористички непријател“, но засега не е познато кој стои зад нападот. Никој досега не презеде одговорност.

Во меѓувреме, британската агенција United Kingdom Maritime Trade Operations (UKMTO) соопшти дека добила пријава за брод кој е погоден од непознат проектил додека пловел низ Ормускиот теснец. Во моментот на објавувањето на информацијата не е познато колкава штета е причинета ниту каква е состојбата на членовите на екипажот.

Најновиот инцидент дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, клучна рута за глобалното снабдување со енергенси.

До новите проблеми доаѓа откако Саудиска Арабија привремено го прекина работењето на својот нафтовод Исток-Запад, долг околу 1.200 километри, по напад со дрон. Багдад и Ријад соопштија дека нападот е изведен од територијата на Ирак, каде што дејствуваат милиции поврзани со Иран.

Нафтоводот во последните месеци претставува една од клучните алтернативни рути за извоз на нафта од регионот, додека сообраќајот низ Ормускиот теснец е сериозно ограничен поради војната.

Според Ројтерс, преку нафтоводот дневно се транспортираат меѓу четири и пет милиони барели нафта, што одговара на околу четири до пет проценти од глобалната понуда.

Нападите врз поморскиот и енергетскиот сообраќај веќе влијаат врз цените на енергенсите. Цената на барел сурова нафта „брент“ во текот на изминатата недела повторно надминува 100 долари, додека во САД цената на дизелот достигнува рекордно ниво.

Во меѓувреме, расте и притисокот врз Соединетите Американски Држави подиректно да се вклучат во конфликтот. Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман побара од американскиот претседател Доналд Трамп воена помош во борбата против Хутите, но Вашингтон, според извори на Ројтерс, засега одбива директна интервенција и нуди разузнавачка поддршка.

За безбедноста на пловидбата низ Ормускиот теснец во понеделник треба да се разговара и на состанокот меѓу Иран и земјите од Заливот во Оман. Иран претходно порача дека нема да се согласи на повторно целосно отворање на теснецот додека не бидат исполнети неговите услови.

Техеран, меѓу другото, бара признавање на неговата контрола врз Ормускиот теснец и можност за наплата на такси од бродовите што минуваат низ него, што Соединетите Американски Држави го отфрлаат.

Би можело да ве интересира

Кушнер: Може да има мир ако Украина исполни еден услов

Путин го одби Зеленски

Избори во Шведска: Тесна трка меѓу левицата и десницата, можна историска владина улога за крајната десница

Хаос на нафтениот пазар: Дронови запалија саудиски нафтени постројки, загрозена главната извозна рута

Протест пред германската амбасада во Москва поради затворањето на Рускиот дом во Берлин

(ВИДЕО) САД истрелаа над 60 ракети „Патриот“ за одбрана од ирански напад во Јордан