(ВИДЕО) 25 години по 11 септември: Ал Каеда е ослабена, но не исчезна

Од:

Абдула ел-Мухајсини повеќе не мора да се грижи за американските санкции. Министерството за финансии на САД кон крајот на август 2026 година го отстрани поранешниот џихадистички проповедник од таканаречената СДН-листа, на која се наоѓаат поединци и организации чии средства во САД се замрзнуваат.

Ел-Мухајсини за време на граѓанската војна во Сирија бил верски советник на Фронтот ал-Нусра, кој произлезе од Ал Каеда, а Вашингтон истовремено ја укина ознаката за терористичка организација и за самиот Фронт, денес познат како Хајат Тахрир ал-Шам. Дваесет и пет години по терористичките напади на 11 Септември, овој потег ја илустрира денешната состојба на Ал Каеда: организацијата не исчезна, но повеќе не е истата, пишува ДВ.

Јадрото на Ал Каеда денес е ослабено, но нејзините регионални ограноци и натаму се оперативно силни во делови од Африка и Азија. Во Сахелот активен е моќниот сојуз Џамаат Нусрат ал-Ислам вал-Муслимин (ЈНИМ), во Сомалија дејствува групата Ал Шабаб, а на Арапскиот Полуостров активен е огранокот АКП. Авганистан и натаму останува засолниште за организацијата. Централното раководство и локалните ограноци сè повеќе се оддалечуваат едни од други.

„Во основа мора да го напуштиме евроцентричниот поглед“, вели пензионираниот исламолог Ридигер Лолкер. Тој истакнува дека Ал Каеда и другите џихадистички организации надвор од Европа и САД отсекогаш биле значително поприсутни отколку што тоа изгледало од западна перспектива.

Самата Ал Каеда сè поретко настапува под сопственото име, што во голема мера е последица на борбата против тероризмот по 2001 година. Според Ларс Бергер, професор по проучување на тероризмот на германската Висока федерална школа, воените операции и соработката на разузнавачките служби значително ја ослабнале групата.

„Во таа смисла, нападите на 11 Септември беа голем стратешки неуспех за Ал Каеда“, вели Бергер. Очекуваната масовна радикализација на арапскиот свет и падот на тамошните режими не се случија. Десет години подоцна, во мај 2011 година, беше убиен и лидерот на организацијата, Осама бин Ладен.

По тоа, Ал Каеда се реорганизираше.

„Групата бараше подрачја во кои би можела трајно да се вкорени – на пример во делови од Африка или во Јемен“, објаснува Бергер. Особено ѝ одговарале држави со слаби институции, преоптоварени безбедносни сили и нерешени локални конфликти.

Во Сахелот, на пример, џихадистичките групи како ЈНИМ и локалниот огранок на Исламската држава (ИССП) се натпреваруваат за територија и ресурси. Во јуни 2026 година, ЈНИМ изврши напад врз меѓународниот аеродром во Ниамеј.

Успесите на овие групи не можат да се објаснат само со џихадистичката идеологија, смета Лолкер. Тие често се совпаѓаат со она што тој го нарекува економија на насилството.

„Насилството одамна стана економски фактор на тероризмот.“

Киднапирањата, шверцот и грабежите создаваат своевидна „економија на грабеж“. Таму каде што со насилство може да се заработи, џихадистичките организации полесно наоѓаат и задржуваат луѓе, особено во подрачја каде што државата практично не постои.

Со текот на годините се промени и стратегијата на Ал Каеда. Бергер забележува „стратешки пресврт“ од директни напади врз „далечниот непријател“ кон градење локални структури.

„Сега гледаме обид да се дејствува алтернативно и постепено: наместо спектакуларни акти на насилство наредени од највисокото раководство, се прибегнува кон помали акции, кои пред сè се иницирани од локално ниво.“

Во Сахелот тоа значи склучување локални сојузи и преземање контрола врз територии. Ал Каеда опстојува токму благодарение на таа „локална адаптација“, во која глобалните цели на џихадот стануваат идеолошка рамка за борба што се води на локално ниво, користејќи ги етничките и општествените тензии.

Во борбата за превласт Ал Каеда има силен конкурент – Исламската држава.

„На крајот, сè се сведува на тоа дека помладите џихадисти повеќе ги привлекува Исламската држава“, вели експертот за тероризам Бенаим Хајденрајтер-Заид од Полициската академија во Хамбург.

Исламската држава изведуваше медиумски поуспешни напади, додека Ал Каеда, според неговото мислење, планирала долгорочно.

„Исламската држава сакаше да се претстави и што побрзо да покаже резултати за експлозивно да расте.“

По брзото ширење следуваше и нејзиниот пад, додека Ал Каеда и натаму постои, иако во изменети околности.

За групата денес се поставува прашањето дали може да ја замени постарата генерација. Хајденрајтер-Заид вели дека тоа е можно, но предупредува дека брендот на Ал Каеда ја губи привлечноста, особено во Европа.

Иако џихадистичките идеи не исчезнале, Ал Каеда ја загубила некогашната способност за масовна мобилизација на младите. Сепак, најголемиот проблем при проценката на денешната опасност е недостигот од информации.

„Сите се согласуваат дека во моментов речиси и да нема информации за Ал Каеда. Едноставно не се знае што прават“, истакнува Хајденрајтер-Заид.

Значајно е и тоа што по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, Ал Каеда речиси и да не се огласувала, додека на регионалната сцена доминираа Хамас, Хезболах, Хутите и Иран.

Дваесет и пет години по 11 Септември, Ал Каеда ја загуби глобалната сцена, но научи да преживува на локално ниво. Не е исклучено во слабите држави да се вкорени толку цврсто што од терористичка организација да прерасне во трајна политичка и воена сила.

Би можело да ве интересира

Мамдани: Објавени 170.000 страници документи за последиците од 11 септември

Горан Наумовски

Карлсон: Израелското разузнавање имало сознанија за терористичките напади на 11 септември

Горан Наумовски

САД: Судијата го отфрли барањето на Ријад за поддршка на киднаперите од 11 септември 2001 година

Амбасадата на САД организира добротворна акција во чест на 11 септември

Ана Ололовска