Мицкоски: Сите настани поврзани со прославата на 8 Септември, граѓаните и Буџетот ги чинеа нула денари

Од:

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Штип одговарајќи на новинарско прашање во врска со сумата која е потрошена за организирање на настаните поврзани со одбележувањето на 35 годишнината од независноста на државата, истакна дека Буџетот и граѓаните сето ова ги чинело нула денари и сите активности биле организирани од општественo одговорни компании.

– Имам лоша вест за сите оние кои шпекулираа, негодуваа, клеветеа, пласираа лажни информации, а молчев. Не сакав да зборувам затоа што оставав сето тоа што претставуваше навистина посебен момент за градовите низ земјава да биде посебен момент и за граѓаните во тие градови. Имаше таков настан и тука, во Штип. Лошата вест е дека буџетот сите овие настани го чинат нула денари. И граѓаните и буџетот сите овие настани ги чинат нула денари – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на спортската сала „Џексон“ во Штип.

Тој нагласи дека сето ова што го говори може слободно да се провери на „Отворени финансии“ и нагласи дека сè било организирано од општествено одговорни компании.

– Така што жалам што кај поединци работи Фројд, што мислат како тие би правеле, па мислат дека и некој друг така прави. Но, ова е домаќинска Влада. Ова е Влада промакедонска, која се грижи за граѓаните, пронародна, и секој денар, секој денар буџетски средства се троши на транспарентен начин. Лошата вест, уште еднаш ќе повторам, за нив е дека се потрошени нула денари буџетски средства за организација на сите овие настани, а сепак имавме незаборавно лето – рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека летото било историско и за паметење, поради тоа што голем број ѕвезди ја посетиле државата.

– Сè започна со Битола, на 2 август, со Стив Аоки, потоа продолжи оној караван „Силно светнал ден“, којшто помина низ 11, 12, 13 града, вклучително и манифестацијата во Скопје, како и една манифестација што ќе следи на 15 септември во Тетово. Потоа, во Струмица беа Пол Оукендфолд и Ван Дајк, исто така мегаѕвезди. Потоа следеше рок-спектакл, исто во Струмица, со македонските рок-групи кои учествуваа на тој настан, меѓу нив и „Меморија“. Потоа, на градскиот плоштад во Скопје, заедно со, така еве да ги наречам, македонските ол-стар ѕвезди. Хосе Карерас настапи во еден навистина голем спектакл и сето тоа кулминираше со овој спектакл што се одржа вчера на Градскиот стадион, каде што светскиот број еден, ѕвездата Дејвид Гета, приреди навистина спектакл за паметење – рече Мицкоски.

Тој им се заблагодари на граѓаните и на сите оние кои учествувале во организацијата на сите овие настани, бидејќи, како што додаде, покажавме дека како држава знаеме, можеме и умееме да направиме светско, а тоа да се случува тука, во Македонија.

Во однос на реакцијата на СДСМ, дека повторно го користи терминот талог и дека со тоа ги навредува граѓаните, Мицкоски рече дека жали што СДСМ се препознава во тој збор, но, додаде дека тој многу прецизно рекол дека талогот не смее да ја победи елитата, затоа што, ако талогот ја победи елитата и стане елита, тогаш вистинската елита ќе си замине, а тоа не е добро.

– И затоа мораме да го победиме талогот. Ќе повторам, жалам што тие се препознаваат како такви. Претпоставувам и од нивните карактери, иако на отворена сцена навредуваат, измислуваат, клеветат, којзнае како сè не нè нарекуваат за да нè омаловажат. Ниту еднаш немам кажано, ниту сум се пожалил за тоа што го слушам од нивните прес-конференции. Без исклучок, сè е лага. Ниту еднаш не сум излегол на отворена сцена да плачам, да цимолам и да се жалам пред граѓаните. Напротив, тоа е тоа. Ние сме јавни личности и, како такви, треба дури и со тој тип кампања, лажна и клеветничка, да се справите, да ги засукате ракавите и да го испорачате тоа што им е потребно на граѓаните. Ова им е потребно на граѓаните. Тие нека тонат во нивното политичко мочуриште, а ние ќе продолжиме да испорачуваме – рече Мицкоски.

Тој ги повикани новинарите утре во Прилеп, каде што рече дека се пушта во употреба нова фабрика, со нови стотици вработувања, задутре ги покани на Клиничкиот центар во Скопје, на отворање реновирана клиника, а го спомена и вчерашното пуштање во употреба на реконструираниот Охридски аеродром.

– Тоа е Европа. Ние ја носиме Европа дома. Инаку, да, Европа не е по теркот на опозицијата со коленичење, со прифаќање ултиматуми, со потпишување бели хартии. Европа на принципи. Право да стекнеме доверба за да можеме да разговараме. Ние, и тоа го кажав вчера во мојот говор, дека нема подобра алтернатива за земјата и за граѓаните од Европа, но мораме таа алтернатива заеднички, заедно со истата таа Европа, да ја заслужиме. А ние како Влада секојдневно ја заслужуваме, испорачувајќи го ова, испорачувајќи реформи, испорачувајќи стандарди. И така ќе продолжиме. Реков мотивирани сме како никогаш досега, а поддршката од народот нè инспирира како никогаш досега – нагласи Мицкоски.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Жерновски: Патриотизмот веќе не му поминува на Мицкоски

СДСМ: Мицкоски нема ништо државничко, „Талог“ е кампања по моделот на Ванчо Михајлов

Горан Наумовски

Рубио: САД се горди што стојат покрај С. Македонија како доверлив сојузник и партнер

А1он

Мицкоски: Мора да успееме – народот научил како да преживува, а сега мора да научи како да победува во мир

А1он

Ахмети: Европска Македонија се гради со еднаквост, а не со намалување на нечии права

Горан Наумовски

Филипче: Нашата генерациска задача е да изградиме европска држава во која младите ќе сакаат да останат